Замина уште еден од култните „Монти Пајтон“: Почина Тери Џонс


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 77-годишна возраст, денес, почина една од моторните сили и движечки креативни енергии на некогаш (па и денес) култната трупа „Монти Пајтон“, славниот Тери Џонс.

Џонс, на кого во 2015 година му беше дијагностицирана деменција, беше главната режисерска сила на филмовите на Монти пајтон, како и плоден креатор на ТВ-документарци и книги за деца.

Тери Џонс, еден од основачите на Монти пајтон и режисер на три од прославените играни филмови на пајтоновци, почина на 77 години, соопшти неговиот агент. Во 2016 година, Џонс и неговото семејство откриле дека му е дијагностицирана фронтотемпорална деменција една година порано, а тој стана јавното лице на болеста – се појави на церемонијата за доделување награди велшка Бафта за да ги истакне нејзините ефекти и да биде интервјуиран во врска со долгогодишниот пријател и соработник Мајкл Пејлин во 2017 година.

По Монти Пајтон, Џонс работеше на огромен спектар на проекти. Со Пејлин, тој ја создаде успешната ТВ-серија „Возбудливи приказни“ и изгради режисерска кариера со „Лични услуги“, „Ерик Викингот“ и „Ветрот во врбите“. Тој направи серија ТВ-документарни филмови (специјализирани за средновековната историја), напиша скоро 20 детски книги и низа коментари за Гардијан во кои ја осуди „војната против теророт“.

По студирањето англиска литература на Оксфорд, во 1969 година Џонс со Пејлин им се придружува на дипломираните студенти од Кембриџ, Џон Клиз и Греам Чепмен – заедно со аниматорот Тери Гилијам – во комична серија на Би-би-си.

На крај емитувана под наслов „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“, таа траеше до 1974 година, при што Џонс главно пишуваше со Пејлин (надополнувајќи го партнерството на Клиз со Чепмен). Навидум хаотични, честопати надреални и формално смели, Летачкиот циркус на Монти Патон ќе станат една од највлијателните серии во историјата на Би-би-си, револуционизирајќи го комичниот формат, создавајќи голем број културни фрази и инспирирајќи цела генерација на комичари. Љубовта на Џонс кон глумење жени беше клучна карактеристика на претставата, како и неговото ерудитивно пишување.

Сепак, Џонс станува сè позаинтересиран за режијата.

По компилацијата од скечеви „А сега нешто сосема поинакво“ (објавена во 1971 година, со крајна цел серијата да се пробие во САД), трупата се зафати со филмот „Монти Пајтон и Светиот грал“, а Џонс ја доби својата шанса да режира, во соработка со Гилијам. Тој беше многу вложен во демократскиот инстинкт на Пајтон: „Ако сите шестмина од нас се смеевме на нешто, тогаш си помислувавме: ‘Ова е добро, можеме да го пуштаме’. А, за мене, прашањето беше само да се добие тоа на екранот, да го добиеме тој момент кога го читаме сценариото, тој момент кога сите сме се смееле“.

Џонс го презеде следниот филм на „пајтоновци“, „Житието на Брајан“, како соло режисер, а Гилијам се одлучи да се концентрира на дизајнот на филмот. Објавена во 1979 година, верската сатира се покажа како голем комерцијален хит, но предизвика и глобална контроверзија. Џонс даде незаборавен придонес на екранот како мајката на Брајан, која им писка на насобраните верници: „Тој не е месијата, тој е многу непослушно момче!“

Џонс потоа го режираше филмот од 1983 година „Значењето на животот“, на уште подетално ниво, склопувајќи разни скечеви, музички броеви и сложени сцени со ефекти. Филмот го содржи и веројатно најпознатиот Џонсов лик на екранот: џинот господин Креосот, кој експлодира по последното „бонбонче тенко како вафла“.