Заменик-претседателот на Судскиот совет ја разреши претседателката Дамева од челната функција


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Весна Дамева е разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, ова вака го констатираше нејзиниот заменик Селим Адеми на денешната седница на советот.

По кавгите што траеја речиси четири часа, а кога Дамева одби да се стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик реши да се гласа со кревање рака. Седум члена го поддржаа заменикот, кој го презеде раководењето на седницата при нејзино присуство.

„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре, во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатира заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Дамева бараше да се констатира дека ѝ е одземено раководењето со седницата иако таа е присутна.

„Претседателот, иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето што ви дадоа налог за седницата да се прекине“, рече Дамева.

На крајот, Дамева рече дека ако оваа одлука биде озаконета, лица од политиката ќе бидат задоволни.

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но, нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде што нема утврдено ниту основ за разрешување ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат… Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Сè излезе од контрола. На мое присуство ми зеде право на збор. Избор се прави со осум гласа, а се зема мандат со седум гласа“, додаде Дамева.

Посочи дека многу работи ќе бидат уште полоши.

Претходно, имаше караници и престрелки во Судскиот совет. Имаше и барање за разрешување на Весна Дамева од претседателската функција.

Извор: Макфакс