Заев во Берлин ја прими наградата за човекови права од фондацијата „Фридрих Еберт“ – тој потврди дека од Брисел утре нема да има добри вести


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев, денес попладнево, во Берлин ја прими наградата за човекови права што ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Маас, во своето обраќање на церемонијата посочи дека Зоран Заев влева надеж на една цела генерација на која, како што посочи, ѝ беше доволно од тоа постојано да се занимава со национализам и со една политика насочена повеќе кон минатото отколку кон иднината.

„Ти стана предводник на едно национално единство и врската со Европа. Ти ја зајакна правната држава и се бореше за независно судство, корупција, донесе достоинство и тоа беше првиот чекор до патот на Европа. Ти си влевател на надеж во многу нерешени конфликти на овој свет, чест ми е да ја врачам наградата на еден реформатор, далекуглед политичар и пред сè Европеец“, рече Маас.

Оваа награда Заев ја посвети на сите генерации кои ја градеа и градат државата, и на секој кој дал придонес во формирањето цврсти темели на мирот и слободата.

Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Курт Бек, кој му ја врачи наградата, потенцира дека голема е честа што наградата му се доделува на премиерот Заев, бидејќи, како што посочи, последните години со големо внимание следеле што направил тој за земјата.

„За ангажманот за заштита за човековите права, за сите важни одлуки кои ги презедовте е потребна храброст. Оваа награда е и благодарност и охрабрување, не само за носителот на наградата и за земјата, туку и општо за сите општества“, рече Бек

Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, нагласи дека Заев испишал историја, ја приближил земјата кон ЕУ и се насочил кон иднината, наместо кон минатото.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедосна политика Жосеп Борел истакна дека Зоран Заев ја следи својата визија да ја стави Северна Македонија на патот за влез во ЕУ и ја внесе земјата во НАТО. Заев, како што рече тој, придонесе за придвижување на целиот регион кон ЕУ.

Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент, во видео пораката нагласи дека Заев донел стабилност и мир во целиот регион.

Алексис Ципрас, поранешниот премиер на Грција, преку видео порака која се прикажа на церемонијата на доделување на наградата, истакна дека Заев покажал храброст и прогресивно лидерство што ја смени судбината на земјата и Западниот Балкан, без, како што посочи, да се двоуми во справување со политичката кауза.

Заев вечерва од Берлин потврди дека не очекува добри вести од утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел и почеток на преговори. Решение со Бугарија ќе се бара во декември.

„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел“, рече Заев, дополнувајќи дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и во наредниот период, па надежта е дека до решение ќе може да се дојде уште во текот на декември.

„Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор“.
„Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, рече тој.

Претходно, во обраќањето до присутните, Заев избегна директно да ја спомене Бугарија, но порача „дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“.

„Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.“

И шефот на германската дипломатија Хајко Мас го „заобиколи“ утрешниот состанок во Брисел, порачувајќи дека има шанси за пробив и во декември.

„Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство“, рече Мас. Клучно е во наредните денови да се најде решение, а Германија е подготвена да помогне на тој пат, дополни тој.