Заев сведочи за „Монструм“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Бившиот премиер и моментално само актуелен лидер на СДСМ, Зоран Заев, во судот сведочи во рамки на случајот „Монструм“, одговарајќи на прашања во врска со тоа какви преслушувани материјали имал за случајот и каде се тие, пренесува 360 Степени.

„Сите аудиодокази и транскрипти што ги имав за овој случај, кон крајот на 2015 ги предадов во Специјалното јавно обвинителство. Јас, по евиденцијата сум имал милион и нешто разговори и СМС-пораки, дел од нив биле и за овој случај, тоа е споделено и со јавноста, но тоа е сосема мал дел. Видов разговори во форма на транскрипти, кои беа дел од материјалите, а беа препознаени по името и презимето на дел од тогаш веќе првостепено осудени лица, за кои беше позната во јавноста и пресудата, на некои 180 страници. Пресудата беше достапна и за мене и оттаму ги гледав имињата на осудените, текот на рочиштата, сведоците и слично. Селекција никој не може да направи, но кога ќе видиме разговор во транскрипт помеѓу, на пример, господинот Фејзи Азири и друго лице, знаете дека тоа е осудено лице тогаш со првостепена пресуда“, рече Заев во судницата.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи дали се сретнал со фамилиите на жртвите и што зборувале, тој кажа дека се сретнал со родителите неколкупати на нивно барање.

„Сакаа да добијат повеќе информации што се случило, знаејќи дека поседуваме ‘бомби’, и за мене е логично да ја бараат вистината. На една од тие средби дел од родителите изразија сомневање дека правосудниот систем крие од нив одредени податоци. Поточно, се работеше за 4 или 5 комуникации помеѓу тогаш осудени лица, за кои еден од соговорниците во таквите разговори беше скриен од нив поради службена тајна или заштита на лични податоци. Тоа кај нив предизвикуваше сериозна резигнираност и сомневање. Имајќи предвид дека можат да посочат за кого се работи, јас ги извадив тие комуникации и им ги презентирав во мое присуство, без да им дадам копија“, сведочи Заев.

Тој појасни дека веднаш добивале одговор, а средбите се случувале во период кога дел од тие материјали ги објавуваше во јавноста, односно во 2015 година и серијата прес-конференции на тогашната опозициска СДСМ.

„Можно е да сум рекол дека јавно ќе ги објавам материјалите, а потоа не се случило тоа, од единствена причина што сум верувал дека не постои целовитост за создавање цела слика, за мене, којшто не поседувам други видови материјални докази, а и не сум правник за да можам да крај да го согледам правниот настан околу убиството и затоа на крајот донесов одлука, се што поседувам, да не биде објавено, туку дека ми е должност да ги доставам до СЈО, а тие да ги употребат за докажување до крај вистината и секако пред суд“, кажа Заев.