Актуелно

Заев презентираше владина програма: Нема менување јазик на банкноти и униформи, тоа е противуставно

Банкнотите на денарите се користат на територијата на целата држава и нивното испишување на друг јазик е спротивно на уставните одредби. Во полицијата и во армијата униформата е единствена на територијата на цела држава, па правење разлики на униформата исто така, не е во согласност со уставните одредби, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев по образложувањето на владината програма.

Што се однесува до изборот на Албанец за претседател на собранието, Заев рече дека досега не се зборувало за кадровски решенија ниту за владата ниту за саобранието, но тој апсолутно нема предрасуди за етничката припадност на собранискиот спикер.

Очекувам капацитет од луѓето, па така и од претседателот на Собранието, бидејќи следуваат реформи, а Собранието е главен коректор на владата . треба претседател кој ќе знае да отвора дебата и да разговара со идната опозиција кога ќе се носат одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија, изјави Заев.

Тој се обрати до претседателот Ѓорге Иванов и му порача дека со она што го кажа на прес-конференцијата сака да го разубеди оти нема платформи, туку единствена владина програма. Истовремено ги повика и граѓаните кои протестираат да престанат бидејќи доаѓа време на реформи во државата.

Со одлуката да не го додели мандатот Иванов изврши државен удар, но и покрај тоа се обидуваме да го разбереме во  врска со она што го плаши. Го убедуваме и Иванов и граѓаните дека нема ниту страв ниту такви намери од кого било. Македонија има институции, па да дозволиме процесот да тече, да подадеме рака во интерес на граѓаните, изјави Заев.

За промена на симболите, односно на знамето, грбот и химната, тој рече дека лично е против, но никој не може да спречи дебата.

Нека разговараат сите што имаат различно мислење, самата дебата ќе ги покаже причините и потребите, додаде Заев.

За сите отворени прашања тој ги повика експертите да се вклучат во дебатата која на крајот ќе покаже што е уставно, а што не.

To Top