Заев: Не сакам да размислувам за неуспешен референдум – ако не излезат граѓаните, ќе одлучат институциите


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На пресконференција од Владата, македонскиот премиер Зоран Заев порача до граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот на 30 септември, бидејќи тој смета дека тоа е денот „кој ќе ја означи превсртницата во нашата историја“.

„На нас граѓаните, секому поединечно му е дадена шанса да донесе голема одлука. Сега е време за одлука. Сетете се на референдумот од 1991 година – голема одлука на голем државотворен народ кој се определи за своја иднина во независна држава. Народ кој учи од историјата, дека нема да ги повторува нејзините трауми“, порача Заев, кој на прес-конференцијата беше придружуван од целиот владин кабинет.

Заев сепак остави дилеми околу прашањето: што доколку не се исполни цензусот од 50 проценти излезност на граѓаните на референдумот.

Тој рече дека „се обврзува да го почитува исходот од референдумот без оглед на резултатот од него“, но подоцна, одговорајќи на новинарски прашања дополни дека „ќе се почитува волјата на мнозинството“.

„Цензусот треба да се постигне за пример. Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат ‘за’, и тоа е таа волја која ќе ја почитуваме. Но убеден сум дека ќе биде исполнет цензусот и дека мнозинството ќе гласаат ‘за’“, рече Заев.

Сепак тој навести дека доколку цензусот не биде постигнат, институциите ќе го имаат последниот збор.

„Може и граѓаните да не гласаат, поради неинформираност или од други причина да одлучат да останат дома. Во таков случај ја пренесуваат одлуката на институциите. Со сите правници се консултирав и дојдовме до заклучок дека тоа всушност значи така. Но не сакам ни да зборувам што доколку биде така. Нема ако. Овој пат на референдумот одговорноста ќе ја преземеме за себе и своето семејство, и ќе излеземе да гласаме онака како што мислиме. Опција има за или против. Но нема опција дали да излеземе или не. Треба да излеземе ако сме вистински патриоти“ – порача тој.