Заев не поднесе оставка од премиерската функција, опозицијата заедно со Беса поднесоа иницијатива за гласање недоверба на Владата


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, попладнево соопшти дека досегашната собраниска опозиција плус Беса ќе ја поднесат најавената иницијатива за гласање недоверба на Владата на Зоран Заев.

Тој тврди дека иницијативата е потпишана од 61 пратеник, иако за доставување на иницијативата се доволни најмалку 20 пратеници.

„ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ’Обнова’, коалицијата на Алијанса и Алтернатива, Беса и Левица ја потпишаа оваа иницијатива. Вкупно 61 пратеник ја потпиша оваа иницијатива и 61 потпис се доставени зедно со неа во Собранието“, рече Николоски.

Рече и дека очекува при гласањето (не)доверба на Владата да има „61 глас плус“, на седница што треба да се одржи во рок од три дена, затоа што, како што рече, се разговара за поддршка и со други пратеници.

За пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи, кој изјави претпладнево дека неговиот потпис за уривање на Владата, дека неговиот потпис нема да стои зеадно со потписот на пратениците од Левица, Николоски рече дека тој е перцепиран како чесен човек и добар пратеник од кого се очекува да придонесе за изгласување недоверба на оваа Влада.

„Ќе видите во четврток. Јас сум убеден дека господинот Реџепи ќе гласа за рушење на оваа Влада на СДСМ и ДУИ“, рече Николоски на крајот на прес-конференцијата во Собранието.

Премиерот Зоран Заев досега не ја поднесе во парламентот оставката што ја најави ноќта на 31 октомври, и покрај ултиматумот што вчера му го постави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оставајќи му простор сам да се повлече до денеска до 14.30 часот.