За православните верници денеска е Велипеток – најтешкиот и најтажен ден во годината


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Православните христијани Велигден денеска го чествуваат празникот над празниците, кој ги обединува сите други празници и настани од животот на Господ Исус Христос, а без него немаше да има вера, надеж и љубов, кои се трите основни постулати на православната вера. Православните христијани најголемиот и најстариот христијански празник го слават во спомен на Христовото воскресение, неговата победа над смртта и гревот.

Велигден се слави многу радосно и свечено, но ноќта помеѓу Величетврток и Велипеток е обележана со мачење и со камшикување на Исус Христос. Бидејќи денешниот ден, Велипеток, е денот на кој Христос пострада, тој е најтажниот ден во годината и во православните цркви не се служи литургија.

Според одлуките на Никејскиот собор во 325 година, кои сè уште ги почитуваат сите православни цркви, Велигден треба да се празнува во првата недела од полната месечина по пролетната рамноденица, но секогаш по еврејската Пасха. Велигден може да биде со разлика од 35 дена, најрано на 4 април, а според јулијанскиот календар најдоцна на 8 мај, односно најрано може да биде три дена пред Благовец, а најдоцна два дена по Ѓурѓовден. Тоа значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.

Велигденскиот пост е најважниот пост за православните христијани и е подготовка за најрадосниот христијански празник Велигден. Велигденскиот пост се смета за најстрог и најдолг од сите четири пости. Годинава започна на 7 март и трае 48 дена, односно до Велигден.

Воскресението Христово е симбол на мирот, радоста и на разбирањето, тој е суштината на христијанството и потврда на самата вера. Нашиот народ со посебно внимание и со посебни подготовки го пречекува Велигден, кој го празнува многу свечено.

Подготвувајќи се за најсветлиот верски празник Велигден, верниците овие денови ја живеат последната седмица пред Велигден, која се нарекува Страсна или Страдална седмица. Таа почна од Лазарева сабота и Цветници, кои се врзани празници. Овие два празника всушност се влез во Страсната седмица, која е период што претставува патување исполнето со покајание, прошка, измирување, молитва, пост и со учење.

Оплакување пред победа над смртта

Православните христијани денеска го слават Велипеток во спомен на денот кога Исус Христос беше распнат на крстот на Голгота. На Велипеток, Исус од Назарет, Бог и човек, умрел на крстот. Во православните цркви, вечерните богослужби на овој ден го одбележуваат времето на смртта и отстранувањето од крстот на телото Господово, кога плаштеницата се става на специјално украсена маса пред олтарот, која симболично го претставува Христовиот гроб. Во некои краишта кај нас е обичај верниците по бакнувањето на плаштеницата да ползат под масата на која таа е поставена.

Трипати со звукот на тропање се обиколува црквата, која симболично го претставува Христовиот погреб. Покровот потоа се поставува пред олтарот. Денот минува во тишина и молитва, а сета работа во куќата и во полето се прекинува.

Велипеток се смета за најтажен ден на христијанството, а на тој ден во црквите не се служи литургија, освен ако не се совпадне со Благовештението. Од Величетврток до Велигден не бијат камбаните на црквите, бидејќи тие се знак на радост во православната црква.

Според народното верување, кога се моли треба да се моли на Бога и да се мисли на убава желба и таа желба ќе се исполни. Деновиве црквата заповеда најстрог пост без риба и масло, а денеска строго се почитува постот, па кој може, ништо и не јаде освен леб и вода.

Црковните учења велат дека Исус бил распнат во петок, лежел во гробот во сабота, во градината на Јосиф, а во мугрите во недела бил почувствуван силен потрес и ангелот Божји слетал на гробот. Стражарите што го чувале гробот од страв попаѓале како мртви, а Исус воскреснал.

Велипеток е ден кога под крстот на Христос останале само апостол Јован, Богородица и уште неколку жени. Тоа го сториле мотивирани од љубовта кон Христос. Велипеток е ден на оплакувањето и молк, по што следува период на исчекување на воскресението.

Светла седмица по Страдната недела

Празникот е поврзан со обичајот на давање јајца што се вапсуваат на Величетврток. Јајцето е симбол на обновувањето на природата и животот, што го симболизира Исус како излегува од гробот и повторно се раѓа. Според обичаите, првото обоено јајце со црвена боја се остава на страна до следниот Велигден и му се придава посебно значење. Првото црвено јајце се вика чуварско јајце, се чува на посебно место за да не се скрши. Нему му се припишуваат посебни својства – исцелување, плодност, заштита од градот и злите сили

Велат дека од јајцето почнува сè – од јајцето се раѓа живот, а животот што се крие во нив јасно ни укажува на будењето на природата. Има многу обичаи поврзани со велигденските јајца, какви што се: подарување јајца, чукање со јајца и гаѓање на јајцата со парички. Чукањето со јајца укажува на Велигден како пресвртница во времето, како насочување кон нешто ново и будење на животот, а зајачето потсетува на ширење на веста за воскреснувањето на Исус – вест што низ светот се проширила со зајачка брзина.

Црвената боја ја симболизира Исусовата пролеана крв на Голгота, но и бојата на воскресението. Марија Магдалена му подарила црвено јајце на римскиот император Тибериј кој не верувал во Христовото воскресение и го поздравила со зборовите „Христос воскресна“.

Недела, првиот ден од Велигден, започнува по утринската богослужба, по што верниците се поздравуваат со зборовите „Христос воскресе“ и возвраќаат со „Навистина воскресе“.

Овие поздрави се протегаат сè до Спасовден и тоа е период на славење. Првата седмица по Велигден, до Томината недела, се нарекува Светла седмица. Специфична е по тоа што според празнувањата, тој е најсветиот период во годината.

Со означување на Христосовото воскресение, значајно е да се напомене дека оние што постеле треба да се причестат. Целта на Христосовото доаѓање на Земјата е да може човека да го издигне на небото. Местото или настанот каде што тоа се случува е причестувањето или влегувањето во реална мистична заедница со Бога. Причестувањето е најсоодветно да се прави на бдението вечерно, откако ќе се објави дека е полноќ, 12 часот и откако ќе се заврти три пати околу црквата. Некои луѓе што не можат да издржат се причестуваат на саботната литургија, а некои на утринската литургија.

За Велигден треба да се стане рано наутро, а не се оди на спиење пред полноќ. Ако се отиде на спиење пред полноќ, тоа би значело дека до следниот Велигден лицето ќе биде сонливо и нема да му се работи. Обичаите за овој најголем христијански празник се наутро да се измиеме со вода во која е потопен дрен, здравец, босилек и црвено велигденско јајце. Децата треба да се допрат со црвено јајце, да бидат црвени и здрави во текот на годината, а прво се омрсуваме со велигденско јајце.

Православните верници на Велигден рано наутро одат во црква на утринска миса. Христијаните го слават Велигден три дена, па во верскиот календар на МПЦ-ОА со црвено се означени велигденскиот понеделник и велигденскиот вторник.