ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ ВО ПРЕАМБУЛАТА? Македонија ги слави двата Илиндена, едниот заедно со Бугарија!


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонија денеска го празнува Денот на Републиката 2 Август и двата историски Илиндена – 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ. Премиерот Заев кој прво ќе одржи говор на Пелинце, попладне ќе замине во Благоевград каде заедно ќе го чевствува македонскиот празник со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Овој Илинден е можеби последниот кој се слави во нашата држава под името Република Македонија. Доколку помине закажаниот референдум и најавените уставни измени, според договорот со Грција член 1, став 12, идната Република Северна Македонија ќе мора да го избрише делот од Преамбулата на Уставот каде што се говори за историскиот континуитет (во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ).

Делегацијата на Мечкин Камен во Крушево ќе ја предводи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Во 9.30 часот ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите во месноста Слива. Во 12 часот ќе биде положено цвеќе на Мечкин Камен, по што претседателот Иванов ќе има обраќање.

На Мечкин Камен ќе присуствува и владина делегација составена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите Горан Сугарески, Дамјан Манчевски, Сухејл Фазлиу и Венко Филипче. Во собраниската делегација во Крушево ќе бидат пратениците Весел Мемеди и Кети Смилевска.

Чествувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце ќе почне во 11 часот. Во делегацијата, која ќе ја предводи претседателот на Владата Зоран Заев, ќе бидат министритеОливер Спасовски, Никола Димитров, Рената Дескоска и Асаф Адеми. Тие ќе положат цвеќе во Меморијалниот центар, а обраќањето на премиерот Заев е предвидено за 11.30 часот. Во собраниската делегација на чествувањето во Пелинце ќе бидат пратениците Горан Мисовски, Лидија Тасевска и Мирослав Јовановиќ.

Свеченоста во Пелинце ќе биде збогатена со културна програма, со настап на хорот „Вардар“, ансамблот „Танец“ и КУД „Емин Дураку“.

Владина делегација попладне ќе отпатува и во Благоевград, во соседна Бугарија, каде што премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов, ќе положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, еден од револуционерите во борбата за слободување од османлислото владеење на почетокот од 20-от век.

Ова е второ заедничко одбележување на Илинден на државни претставници од Македонија и Бугарија, по минатогодишното потпишување на билатералниот договор за добрососедство и соработка. Двете земји Илинденското востание го празнуваат како дел од сопствената национална историја.

Чествувањето во Скопје ќе почне со положување цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“ во 9.50 часот, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на РМ во 10 часот и на споменикот на Методија Андонов-Ченто, прв претседател на Президиумот на АСНОМ, на плоштадот „Македонија“ во 10.20 часот.

Собраниската делегација ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери, кој во 10.45 ќе се обрати пред споменикот на Ченто.

Во собраниската делегација се пратениците Фросина Ташевска-Ременски, Татјана Прентовиќ и Мирсада Емини-Асани, а во владина таделегација ќе бидат министрите за труд и социјална политика, за финансии и за дијаспора, Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.

Илинден ќе се слави и во Смилево, каде што се обележуваат 115 години Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ за ослободување на Смилево.

По тој повод, во 9 часот цвеќе ќе биде положено на спомен-обележјето могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен-плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Владата во Смилево ќе ја претставуваат министерот без ресор Зоран Шапуриќ, заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и националниот координатор за здравство Гоце Чакаровски.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.