За неносење маска 20 евра казна, за групирање во забранет период – 500 евра казна


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои ги усвои македонското собрание, за непочитување на мерката за задолжително носење на маска предвидуваат казна од 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра.

Овој Закон предвидува носење лична заштита на лицето и тоа респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип.

Притоа, оваа мерка нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница, при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница, при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита итн.

Воедно, Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од ковид-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.