Вучиќ: Ми порачаа дека ако не го прифатиме планот на ЕУ за Косово следува прекин на евроинтеграциите и повлекување на инвестициите


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Белград изјави дека претставниците на западните земји му порачале дека, во случај на одбивање на планот на ЕУ за Косово, последиците за Србија ќе бидат прекин на процесот на евроинтеграција, сопирање и повлекување на западните инвестиции и сеопфатни политички и економски мерки.

Зборувајќи за состанокот во Белград во петокот со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија, Вучиќ кажа дека „јасно му е кажано“ дека Србија нема да може да напредува ако не соработува околу прашањето на Косово.

– Дојде „западната петорка“, и во втората реченица што ми беше соопштена е речено – треба да го прифатите овој (француско-германски) план, а ако не го прифатите, ќе се соочите со последиците“, истакна Вучиќ.

„Ми кажаа дека мораме да го прифатиме планот, а дека во спротивно ќе се соочиме со прекин на процесот на евроинтеграциите, како прво. Како второ, со сопирање, а потоа и со повлекување на инвестициите и трето, со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе ѝ нанесат голема штета на Србија“, кажа Вучиќ.

Истакна дека тоа „му било повторено три пати за време на разговорот“, и додаде дека „секој пат многу силно реагирал“.

„Иако можев да реагирам емотивно, да кажам „тргни се, напушти или исфрли ги“, мојата работа е да се грижам за државата“, кажа Вучиќ.

Тој наведе и дека Србија мора да разговара со Приштина и Западот и да го продолжи европскиот пат, бидејќи во спротивно би била „политички и економски изгубена“.

Вучиќ на конференцијата за медиуми кажа дека било „прашање на време“ кога на Србија би ѝ бил укинат безвизниот режим со ЕУ ако на западните претставници во петокот во Белград им кажал дека не сака да разговара за француско-германскиот план за Косово, кој сите членки на Унијата го прифатиле.

„Можев да кажам дека нема да разговараме за тоа, но ќе имаше последици. Беше прашање на време кога би ни го укинале безвизниот режим со ЕУ. Друго што би се случило, би немало повеќе странски инвестиции, а многу би се повлекле од Србија“, кажа Вучиќ.

Наведе дека само Германците во Србија вработуваат 80.000 луѓе а дека таа бројка е двојно поголема ако се додадат Американците, Французите и Италијанците.

„Србија мора да учествува во дијалогот, мора да го продолжи европскиот пат, не затоа што го обожавам нивното лицемерие, туку затоа што економски мора да опстанеме и да напредуваме, не смееме да станеме изолирани“, кажа српскиот претседател.

На коментарот дека западните компании нема навистина да ја напуштат Србија бидејќи тука прават профит, Вучиќ кажа дека и во Русија до пред една година „правеле профит“, па „сите се повлекоа“ по рускиот напад на Украина.

Тој рече и дека смета дека замрзнатиот конфликт е најлошото решение и оти треба да се бара компромис.

-Важно е да се работи на компромисно решение, но не верувам дека тоа е можно со режимот на (косовскиот премиер Албин) Курти, а мора да бараме решение бидејќи ни треба мир со Албанците, вели претседателот на Србија.

Тој наведува дека „петорката“ дошла со план „кој првпат го видовме пред 60 дена“, во чија изработка ниту учествувавме, ниту, како што рече, „некој не прашал или консултирал“.

– Дојдоа да ни го претстават нивниот план, без никаква вина на Србија, никому ништо не направивме, ниту еден Албанец не беше застрелан, ништо не направивме, дојдоа и ни го покажаа планот, а потоа на 13 декември, сите земји-членки го прифатија планот, како и петте земји -непризнавачи на Косово, бидејќи им објаснија дека во планот нема експлицитно признавање на независноста на Косово, иако го прикриваа фактот дека постои имплицитна обврска да не се спротивставуваме на влезот на Косово во ОН. Сите тие го прифатија, со што тој план стана де факто нова преговарачка рамка за Србија. За нас нема напредок ако не работиме, ниту во Европа, ниту пак е можно нешто да се направи ако не соработуваме, додаде тој.

Тој нагласува дека во времето на Курти имало 288 инциденти, од кои 10 тешки само годинава.

– Тие бараат конфликт бидејќи сакаат НАТО да влезе во судир со Србија, а тој да ја избегне обврската да формира ЗСО. Секојдневно посочуваме дека на Србите не им е дозволено да гласаат, дека луѓе се апсени, дека е пукано во српски деца, но не можеме да го смениме фактот дека сите странци беа повеќе вознемирени затоа што Рада Трајковиќ седеше два часа на клупата, отколку за ранетите српски деца. Мораме да разбереме дека тие ја осудија Србија и поради барикадите, не сакаа да слушнат зошто Србите го направија тоа, ние сме виновни за нив затоа што барикадите предизвикаа нестабилност, а не апсењето и малтретирањето на Србите“, посочи Вучиќ.