„Вонредна економска состојба“ во Франција: Макрон најави покачување на платите


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Жестоките и долги протести на неуморните и посветени „Жолти елеци“ кои со недели беснеат во Франција го пикнаа во небрано францускиот политички врв, па претседателот Емануел Макрон призна дека земјата е во „вонредна економска состојба“.

„Денес сме принудени да признаеме. Денес најавувам економска вонредна состојба во нашата земја“, кажа Макрон во денешното обраќање до нацијата и побара „поддршка“ за француската економија.

Неговото обраќање е последица на протестите кои се случуваат четири последователни викенди и кои почнаа поради најавата за зголемување на данокот на горивата и прераснаа во генерално незадоволство од економските политики за кои демонстрантите тврдат дека ги фаворизираат богатите. Протестите низ земјата зовреа во немири и судири со полицијата.

„Нема оправдување за гневот и сите овие насилни испади“, истакна Макрон во говорот иако призна дека јавноста „има право да биде незадоволна“.

Францускиот претседател најави дека „минималната плата ќе биде зголемена за 100 евра месечно“ почнувајќи од мај 2019. Тој вети и дека ќе ги укине таксите на прекувремената работа и ќе воведе даночни ослободувања за сите кои заработуваат помалку од 2.000 евра месечно.

Макрон, кој често е критикуван дека наводно работи само за интересите на богатите во Франција, најави и дека ќе му наложи на францускиот премиер да предложи начини на кои „компаниите и побогатите членови на општеството би придонеле“ на програмата на национална економска поддршка, но сепак одби да го врати таканаречениот „данок на богатство“.