Во скоро петчасовна драматична игра на нерви – Надал подобар од Тим


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ако некој дуел во оваа тенисерска сезона го заслужува епитетот меч на сезоната, тоа е пресметката помеѓу Рафаел Надал и Доминик Тим во четвртфиналето од УС Опен, кој после пет часа спектакуларна борба го доби шпанскиот тенисер.

Надал го преживеа едниот од најтешките дуели во кариерата, па на крај забележа триумф со резултат од 0:6, 6:4, 7:5, 6:7, 7:6.

Актуелниот шампион уште еднаш ни покажа колку всушност е ментално силен, меѓутоа после ваков меч, слободно можеме да кажеме дека немаше да биде воопшто незаслужено дури и ако Доминик Тим на крајот завршеше како победник.

Тим нереално го почна мечот и го доби првиот сет против Надал со неверојатни 6:0, дозволувајќи му на Шпанецот да освои само седум поени. Но, брзо потоа следуваше одговор од Шпанецот.

Полека, но сигурно Рафа го креваше нивото на својата игра. Надал се смири во вториот сет и во деветтиот гејм направи брејк, откако двајцата играчи без проблеми ги освојуваа гејмовите на свои сервиси.

Надал беше на работ од губење и на третиот сет, откако Австриецот поведе со 5:3, но сосема непотребно загуби четири гејма по ред и му ја предаде иницијативата на Рафа.

Сепак, Тим не се предаде па во четвртиот сет успеа да се врати, меѓутоа во петтиот сет на самиот крај како да снема сили и Надал стигна можеби и до најтешката победа во кариерата.

Шпанецот веднаш отиде да се поздрави и да го утеши противникот, а за влез во големото финале ќе се бори со Хуан Мартин Дел Потро, кој во четири сета го елиминираше Џон Иснер.