Во „Пандора документите“ откриени и две оф-шор компании од македонски сопственици


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


„Пандорините документи“, збирка од речиси 12 милиони документи објавени од Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ), кои покажуваат голем број офшор-договори, во кои учествуваат различни светски актери и лидери, го потресоа светот откако беа пласирани во јавност. Мапата на веб-страницата на конзорциумот покажува дека меѓу компаниите од „Пандора“ има и две фирми на сопственици од Македонија.

Засега не е познато кои се сопствениците на тие две фирми, но ИЦИЈ соопшти дека документите ќе ги објавува во наредните денови.

Од соседите, 283 компании во документите се поврзани со сопственици во Грција, 174 во Бугарија, по 13 во Албанија и Црна Гора, 123 во Србија, 6 во Босна, 51 во Хрватска и 40 во Словенија.

Во податоците има над 27.000 компании.

Досега беа објавени текстови во кои се зборува за министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, и начинот на кој тој стекнал 24 луксузни стана на бугарскиот брег, за тоа дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син ја скриле сопственоста на својот недвижен имот преку комплексна мрежа од поврзани компании од повеќе земји и офшор-области, а се споменуваат и синот на хрватскиот министер за образование и социјална заштита, како и кумот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Пандорините документи“ се најновите во серијата големи протекувања на податоци што ги откриваат тајните постапки на познатите личности, по „Панамските документи“ од 2016 година и „Рајските документи“ од 2017 година.

Во споредба со претходно откриените документи, „Пандорините документи“ се најобемни, а новинарите на овој проект работеле 18 месеци.

Офшор-трагата се протега од Африка до Латинска Америка и Азија.

Сепак, новите податоци укажуваат на поместување на парите бидејќи богатите клиенти и нивните советници брзо се приспособуваат на новата реалност, поради што нема голем напредок во борбата против нелегалните активности.