Во Македонија има еден куп лажни сертификати за вакцинација против Ковид-19, ама досега никој не е казнет за фалсификат

Во Македонија досега ниту едно лице не е казнето за фалсификуван Ковид сертификат. За веродостојноста на документот надлежен е МВР. Инспекторите не смеат да ги казнуваат граѓаните, туку само одговорното лице. Обврска на Пазарниот инспекторат е само да проверува дали некој поседува или не сертификат, како и дали се почитува физичката дистанца во објектите. Инспекторите се постојано на терен, но не можат ништо да сторат против лицата кои имаат фалсификувани документи, уверува директорката Симеска.

„Нон-стоп сме на терен, но ние не ги казнуваме граѓаните дали имаат лажни сертификати, тоа е обврска на Министерството за внатрешни работи. Редарите или вработените во објектот се тие кои ги контролираат гостите дали имаат потврда за вакцина. Ако ние при контрола утврдиме дека гостите немаат сертификат или не се почитуваат другите мерки го казнуваме правното лице, не можеме граѓаните“, вели директорката Симеска-Димоска. Годинава, вкупната глоба за непочитување на протоколите во угостителските објекти е 6.000.000 денари, а над 1,6 милион денари е казната за одговорните лица.

Во услови кога вакцинацијата е под 40% за влез во угостителски или трговски објект задолжителен е Ковид сертификат со примени 2 дози вакцина. Ако почетокот на август од кога се воведе мерката, службите проверуваа и влезот за невакцинирани беше забранет, сега ретко кој објект има редар или прашува дали лицето поседува сертификат. За 4 месеци направени се 1280 контроли, а казнети 20 угостителски објекти.

Контролата ќе зајакне наредниот период, а корупцијата и меѓу инспекторите ќе се намали со воведување на новата услуга е- инспектор. Софтверот ќе одредува кој објект ќе се проверува, со што се очекува да се намали сивата економија.

– Со овој систем се намалува човечкиот фактор и се елиминира субјективниот пристап на инспекциските надзори и контроли. Целокупниот процес од распределба на контрола, генерирање на записници од инспекциската контрола и самото издавање на решение на крајот ќе бидат електронски, со што човечкиот фактор ќе биде изземен, изјави Николовски.

За почеток, поврзани се Трудовиот, Пазарниот и Управниот инспекторат. Останатите 28 инспекциски служби етапно ќе се приклучуваат на системот.