ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја дефокусира јавноста од Тиранската платформа со лажни здравствени проекти


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прес конференцијата Јагода Шахпаска, потенцирајќи дека „СДСМ продолжува со својата тактика да ја дефокусира јавноста со секакви теми, само да не се зборува за Тиранската платформа, која тие очигледно ја имаат прифатено во целост„.

„Затоа Јагода Шахпаска по директна насока на Заев ги прераскажуваше лагите кои ги кажуваа во време на изборната кампања. До утре да зборува Шахпаска нема да може да ја излаже јавноста, а уште помалку да ја дефокусира.

Впрочем СДСМ совакви слични лаги за здравствениот систем во државата кажуваше и во 2002 година. Тогаш ветуваа дека по 15-ти септември ќе нема човек кој нема да може да си го плати своето лекување, за после изборите истите тие квази здравствени експерти во СДСМ да го доведат здравството до колапс.

Граѓаните многу добро ја паметат здравствената политика на СДСМ во минатото. Тогаш ниту се реновираа болници, а не пак да се градеа нови. Тогаш лековите беа екстремно скапи, но уште полошо имаше хроничен недостаток уште во првите денови од месецот. Во време на СДСМ се богатеа веледрогерии блиски до партијата додека граѓаните беа принудени да плаќаат екстремно скапи здравствени услуги. Во време на СДСМ не се набавуваа ниту основни медицински средства за работа, а не пак да набавуваа современа здравствена медицинска опрема. Во време на СДСМ се правеа бизниси со стентови додека оние кои немаа пари да платат беа осудени на смрт.

Впрочем здравството во време на СДСМ најдобро го отсликува скандалот со нивниот министер Владо Димов, кој парите на граѓаните ги трошеше за да купува бисери и накит за своите колешки министерки од СДСМ.

Граѓаните паметат и лесно може да направат разлика помеѓу инвестициите на ВМРО-ДПМНЕ во здравството и катастрофата која СДСМ ја предизвика.

Во тек е спроведувањето на историски најголем инвестициски циклус во еден момент во здравствена инфраструктура, во вредност над 74.6 милиони евра (над 4.5 милијарди денари).

Изградивме нова Детска болница во Козле, според врвните светски стандарди за лекување и третман на најмладите пациенти.

Интензивно се одвиваат градежните работи за изградба на нова клиничка болница во Штип – инвестиција вредна околу 56 милиони евра, со која штипската болница ќе прерасне во најсовремена болница во поширокиот регион.

Во тек се и реконструкциите на болниците во Прилеп, Струмица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, ја реконструиравме велешката болница, а болницата во Битола доби комплетно нов лик со надворешната реконструкција.

Во македонското здравство се инвестирани над 115 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема со која сериозно го подигнавме квалитетот на здравствените услуги, а веќе отпочна реализацијата на нов инвестициски циклус во нова медицинска опрема за над 100 јавни здравствени установи низ целата држава, вреден 33 милиони евра.

Кадарот во здравството во изминатите неколку години е зајакнат со околу 4.000 лица, со вработувања или со трансформација во редовен работен однос, што е историски најголемо зајакнување на човечките потенцијали во здравството.

Над 2.800 здравствени работници се едуцирани во врвни медицински центри во Европа и светот. Едукацијата во странство беше мисловна именка во време на СДСМ.

Десеткратно го зголемивме бројот на специјализации на докторите кои се доделуваат годишно.

За првпат во Македонија отворивме државна кардиохирургија, што беше сон на многу генерации во македонското здравство и македонскиот здравствен систем.

Ова се дел од фактите кои не очекуваме СДСМ да ги признае. Ова се дел од реализираните проекти во здравството кои во време на СДСМ беа научна фантастика“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Јагода Шахпаска.