Home Актуелно Владата прифати понуда за надворешна експертиза во истрагата за пожарот во кој изгоре модуларната болница во Тетово

Владата прифати понуда за надворешна експертиза во истрагата за пожарот во кој изгоре модуларната болница во Тетово

На денешната владина седница од Владата беше донесена одлука за прогласување на тридневна жалост на територија на целата држава поради пожарот во модуларната тетовска болница, се вели во соопштението. За денови на жалост се прогласени денеска, утре и задутре( петок и сабота) и за време на деновите на жалост државното знаме ќе се вее на половина копје. Од Владата апелираат до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни настани и прослави на три дена.

Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки.

Владата им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот, за изразеното сочувство за трагичниот настан и донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.

Јавното обвинителство денеска соопштија дека увидот во модуларната тетовска болница и денеска трае.

Од Институтот за судска медицина за дел од медиумите велат дека е завршена обдукцијата и идентификацијата на дел од жртвите кои настрадаа во модуларната болница. Во текот на вечерта во Институтот за судска медицина беа однесени 14 тела на починати во пожарот во Тетово.

Претходно Министерството за здравство соопшти дека во моментот на пожарот имало вкупно 26 пациенти и оти 12 го преживеале пожарот и се надвор од животна опасност. Во пожарот нема настрадани здравствени работници.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…