Вкупно 125.000 евра СДСМ ќе му исплати на Сител за реклами и пропаганда


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во вториот круг од локалните избори, за период од 14-ти до 27-ми СДСМ потрошила 171.181 евра, а имала приходи во вкупен износ од 176.597 евра. Во третиот финансиски извештај од локалните избори партијата има заштеда од 5.416 евра.

Преку донации од физички лица партијата собрала 37.335 евра, а од фирми 2.400 евра. Меѓу донаторите се јавуваат веќе поставените градоначалници и советници како Саша Богдановиќ и Јон Фрчковски.

Најмногу пари во вториот круг социјалдемократите потрошиле за реклама и пропаганда, или 141.623 евра. Партијата најмногу пари одвоила за рекламирање на ТВ Сител или 125.726. На телевизијата СДСМ и останала должна со неисплатени средства од 88.008 евра. За закуп на рекламен простор Телма добила од партијата 80.606 евра, а ТВ Орбис 1.745 евра.

Тоа се покрупните фактури до телевизии на партијата. Меѓу останатите радиодифузери каде што се рекламирале кандидатите на СДСМ се ТВ Ера, Шутел и Кисс.

Од интернет медиумите партијата се рекламирала на Time.mk каде за реклама и пропаганда платила 4.720, Плусинфо, А1ОН, Пресс24 и Охрид24. Од порталите најмногу пари во вториот круг од изборната кампања му се исплатени на порталот Бриф.мк или 1,671 евра.

Втора најголема ставка е расходите за одржување на митинзите за што во период од две недели биле потрошени 9.700 евра, додека за превоз и транспорт се слеале 8.296 евра

Во вториот круг од локалните избори партијата на Али Ахмети успеала да собере 35.845 евра, а потрошила 96.587. Вториот круг ДУИ го завршиле со минус 60.742.

Донациите на ДУИ од физички лица се движат до 3.000 евра од човек. Од донации од физички лица партијата успеала да собере 34.219 евра. За реклами и пропаганда интегративците во вториот круг потрошиле 95.525, а најмногу средства биле потрошени за рекламирање на ТВ Алсат и ТВ 21.

БЕСА од донации собрале 43.671 евра, а имаат расходи во износ од 41.491 евра. Речиси сите средства ги потрошиле за реклами и пропаганда или 40.791 евра, а мал дел за храна и пијалоци на нивните митинзи.

Единствената донација на партијата на Зијадин Села е од фирмата АМ-ИС Транс во Струга, во износ од 4.878 евра. За разлика од сите други партии кои најмногу трошеле за реклами и пропаганда, Алијанса за Албанците за оваа намена потрошила само 200 евра. Најмногу пари се одлеале за репрезентација или 2.915 евра, за услуги во ресторани и храна и пијалоци за време на митинзите.

Финансиските извештаи на останатите партии кои учествуваа во вториот круг од локалните избори се уште не се објавени на сајтот на Државната изборна комисија.