„Викенд без ДДВ“ мерката не ги даде очекуваните резултати


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Иако пред почетокот на акцијата „Викенд без ДДВ“ очекувањата на Владата беа кај граѓаните ќе се вратат близу 17 милиони евра, нецелосните пресметки велат дека во џебот на потрошувачите кои ја искористиле поволноста ќе се слеат едвај нешто повеќе од еден милион евра. Неочекувано слабата посетеност на трговските објекти беше сигнал дека оваа мерка нема да ги даде посакуваните ефекти.

Двапати поголем промет е реализиран во изминатиот продолжен празничен викенд, „Викенд без ДДВ” во однос на трите претходни денови, објави Управата за јавни приходи. Прометот изнесува 526 милиони денари, а враќањето на ДДВ кон граѓаните за купени македонски производи, услуги и компјутерска опрема досега е пресметано дека изнесува 63,4 милиони денари.

„Согласно овие податоци вкупниот промет од македонски производи во деновите без ДДВ на 10,11 и 12 октомври , споредено со претходните три дена на 7,8 и 9 октомври е зголемен двапати”, соопшти Управата и наведува дека треба да се сочекаат уште два дена, бидејќи рокот за скенирање на сметките е три дена по издавањето на фискалната сметка.

Проекциите на Владата беа дека со „Викенд без ДДВ” ќе се направи вкупен промет од 170 милиони евра, а дека кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра. Пресметките, кои ќе завршат задутре, велат дека до денеска на пладне е пресметано оти граѓаните потрошиле близу 9 милиони евра, а дека по основ на данокот на додадената вредност ќе им бидат вратени нешто над еден милион евра.

Оваа мерка можеа да ја искористат околу 350 илјади граѓани кои се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки.

Но, како што се покажа, дел од граѓаните не беа во финансиска можност да ги искористат поволностите за поврат на ДДВ, дел останаа дома поради порастот на бројот на заболени од ковид-19, а дел од граѓаните пак, беа добро информирани дека во моментов, поради онлајн наставата, нема доволно компјутери и таблети во продажбата по поволни цени.