Ветинг во Македонија: Алатка која многу ветува, но со што ќе резултира?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Ветингот е нова правна алатка во Македонија која првично, вака, многу ветува. Прво министерство кое се обврза да ја спроведе е Министерството за внатрешни работи и веќе почнаa да се подготвуваат законски измени за реализација.

Ветингот почна со Управата за безбедност и контраразузнавање, а ветувањата на министерот Спасовски се дека коренито ќе го опфати целото министерство. Мораме да признаеме дека ова е големо ветување, пренесува Мкд.мк.

Следните предлози за ветинг се префрлија на судските инстанци со цел да се расчисти судскиот систем од некомпетентни судии и обвинители. Самата проверка на компетентноста на судиите и обвинителите бара време, но прашање е дали Македонија е способна да ја изврши оваа проверка целосно и професионално, без разлика колку ветингот како алатка е потребен, дури и насушен. Оваа проверка нема да се задржи само на полицијата и судиите туку ќе ја опфати и армијата и државните службеници. Но дали ветингот може да ја исчисти државната администрација која со превработување стана мастодонт и прифатилиште за партиски војници? На ова прашање треба да одговори владата која го предложи овој систем.

Потекло на системот ветинг и негова примена во светот

По дефиниција ветингот претставува проверка на одредена личност пред преземањето на нова функција. Тоа има право да го изврши работодавач за проверка на компетентноста и биографијата на кандидат за вработување, полицијата за идентитетот и потеклото на бегалци кои бараат азил, одредена компанија за друга компанија пред да започне соработка. Потеклото на зборот ветинг доаѓа од 19 век од британски сленг кога ветеринар (скратено вет) требало темелно да провери тркачки коњ пред да даде дозвола за учество во трката. Од друга страна, ветингот е постапка која има цена. Последните информации кои доаѓаат од Австралија се дека за ветинг на 350 илјади вработувања во владата, потребни се од 300 до 1500 австралиски долари по човек, во зависност од работното место. Последен од примерите на екстремен ветинг, а може и да се нарече злоупотреба на оваа постапка е одлуката на претседателот Трамп во Јануари 2017 година, сите посетители на САД кои Одделот за миграција (ICE) ги обележал како потенцијално опасни врз основа на активноста на нивните профили на социјалните мрежи, можат да бидат уапсени и депортирани. Одделот за миграција подоцна се откажа од овој систем, но срамот остана.

Стандарди, услови, постапка за ветинг

Сепак, за да се имлементира ветинг системот и за да се прочистат сите институции, потребни се стандарди и услови кои тоа треба да го овозможат. Правилникот за ветинг на УНДП за пост конфликтни општества во кои спаѓа и Македонија, дава детален опис на целата постапка и условите за одржување на ветингот. Колку да ни се допаѓа или не, ветинг системот е наменет за обезбедување на минимум стандарди на интегритет на јавниот сервис. Фактот дека за Македонија е потребен ваков систем по речиси 30 години од независноста и 18 години од конфликтот, сам по себе е знак дека нашиот систем е еродиран. Основните услови за одржување на ветинг се: присуство на авторитет и легитимет на владата и политичка волја, список на институции и индивидуи кои треба да бидат подложени на ветинг, институција/тело кое ќе го спроведе ветингот, ресурси за тоа и временската рамка за оваа постапка. Несаканите последици од оваа постапка можат да бидат политичка злоупотреба, временска дупка во функционирањето на институциите поради отстранување на некомпетентни вработени, па дури и дестабилизација на државата.

Процедурата може да ги зафати сите вработени во една институција или само одредени функции. Исто така, потребни се решенија за тие кои ќе бидат оценети како некомпетентни, дали ќе се префрлат во други институции, дали овој систем ќе се примени само на веќе вработени или и на кандидати за вработувања и дали овој механизам ќе биде ад хок или ќе се имплементира како регуларен.

Пред да се пристапи кон оваа процедура, власта мора да ја извести и консултира јавноста. Во оваа постапка треба да се даде простор на граѓанското општество да ги изрази своето мислење и идеи. Исто така, мора да се одредат приоритетни институции за ветинг, а не целиот државен апарат да се стави во постапката. Потребно е да се почне со таканаречените чувствителни институции како војскатата, полиција, цивилниот оддел на секторите за безбедност, судството. Следните чекори се поставување на критериуми, очекувани резултати и механизам на делување. За да се избегнат злоупотреби, потребно е максимално следење на меѓународните стандарди.