Ваква десница во Италија не била на власт од Втората светска војна – Мелони веројатно ќе биде првата жена премиер во оваа земја


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Прелиминарните резултати од изборите во Италија покажаа дека десничарскиот блок треба да има убедливо мнозинство во двата дома на парламентот, што е потенцијална ретка шанса за политичка стабилност во Италија по годините пресврти и кревки коалиции, оценува Ројтерс.

Џорџа Мелони најверојатно ќе стане првата жена премиер на Италија, која ќе ја предводи најдесничарската влада од Втората светска војна, откако нејзината конзервативна коалиција триумфираше на парламентарните избори во неделата.

Сепак, Мелони и нејзините сојузници се соочуваат со долг список предизвици, вклучувајќи скок на цените на енергенсите, војната во Украина и повторното забавување на третата по големина економија во еврозоната.

„Мора да запомниме дека не сме на крајната, туку на почетната точка. Од утре ќе треба да ја докажеме нашата вредност“, им рече Мелони (45) утрово на расположените поддржувачи на нејзината националистичка партија Браќа од Италија.

Мелони ја намалува важноста на постфашистичките корени на партијата и ја претставува како мејнстрим-политичка групација како британските конзервативци.

Таа вети дека ќе продолжи да ја поддржува западната политика кон Украина и дека нема да експериментира со кревките финансии на Италија.

Европските престолнини и финансиските пазари внимателно ќе ги следат нејзините први потези со оглед на нејзиното евроскептично минато и амбивалентниот однос на нејзините коалициски партнери кон Русија.

Во својот победнички говор Мелони имаше помирувачки тон.

„Ако сме повикани да управуваме со оваа земја, тоа ќе го направиме за сите Италијанци со цел да ги обединиме луѓето и да се фокусираме на она што нѐ обединува, а не на она што нѐ дели“, рече таа.

„Време е за одговорност“, додаде таа.

По избројувањето на повеќе од половина од гласачките ливчиња, Браќа од Италија има 26 отсто од гласовите, што е огромен пораст во однос на само четирите отсто на претходните парламентарни избори во 2018 година.

Спротивно на тоа, главниот сојузник на Мелони во централно-десничарската коалиција, како што официјално се нарекува коалицијата, имаше катастрофална ноќ.

Лига на Матео Салвини освои, според сегашните резултати, околу девет отсто од гласовите, што е голем пад во споредба со повеќе од 17 отсто пред четири години, додека Мелони ја престигна Лига и во нејзините традиционални упоришта на северот на земјата.

Третиот член на таа коалиција, партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, освои околу осум отсто од гласовите, така што партијата Браќа од Италија е доминантна во рамките на коалицијата.

Иако се предвидува дека десничарската коалиција ќе има удобно мнозинство и во горниот и во долниот дом на италијанскиот парламент, коалициските партнери имаат различни ставови за неколку прашања, кои можеби тешко ќе се усогласат.

За разлика од Мелони, Салвини ги доведува во прашање санкциите на Западот против Русија, а тој и Берлускони често го изразуваа своето восхитување кон рускиот лидер Владимир Путин.

Тие, исто така, имаат различни ставови за тоа како да се справат со зголемените сметки за енергија и дадоа низа ветувања, вклучително и намалување на даноците и пензиските реформи, кои Италија тешко ќе може да си ги дозволи.

Мелони ќе ја преземе функцијата од Марио Драги, поранешниот шеф на Европската централна банка, кој го сврте Рим кон центарот на одлучување во ЕУ, потпирајќи се на блиските врски со Париз и Берлин.

Владата на технократскиот премиер Марио Драги се распадна по 18 месеци откако беше напуштена од популистичкото Движење пет ѕвезди. Меѓу поголемите партии, партијата Браќа од Италија беше единствената што не учествуваше во таа влада на национално единство.

Меѓу првите лидери што ѝ честитаа на Мелони беше унгарскиот премиер Виктор Орбан, близок до Салвини и лидерите на десничарската коалиција.

На изборите гласале 64 отсто од гласачите, што е за десет отсто помалку од пред четири години и воедно најниска излезност во историјата.

Десницата целосно го искористи италијанскиот изборен закон, кој ги фаворизира партиите што формираат предизборни сојузи.

Заедно со традиционалната централно-десничарска коалиција и коалицијата на левиот центар, популистичкото Движење пет ѕвезди освои 16 отсто од гласовите, додека центристичката коалиција околу партијата Акција освои седум отсто од гласовите.

Најголемата партија во коалицијата на левиот центар, Демократската партија, освои 19 отсто од гласовите.

„Ова е тажна ноќ за земјата“, изјави за новинарите истакнатата претставничка на ПД, Дебора Серачиани.

„Десницата има мнозинство во парламентот, но не и во земјата“, додаде таа.