Утре на полноќ ќе се случи Брегзит: Што ќе се смени за Британија, а што за Европската унија?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Фамозниот Брегзит конечно е на самиот праг и ќе се случи утре, петок, 31 јануари, на полноќ, после цели 1.317 дена откако британските граѓани на референдумот одлучија дека сакаат да ја напуштат Европската Унија. Веројатно многумина се прашуваат какви промени ќе донесе овој голем политичко-економски потрес во рамки на Европската унија за самата унија, но и за Велика Британија?

Секојдневната трговија меѓу Велика Британија и Европската Унија ќе продолжи како и досега сè до крајот на 2020 година. За време на овој преоден период од 11 месеци, Лондон и Брисел треба да се договорат за своите идни односи, пренесува МКД.МК.

Ако не се договорат, трговијата со Британија ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација (СТО) сè додека не се постигне договор за слободна трговија, што всушност би било „тврд“ брегзит.

Лондон до 1 јули може да побара продолжување на периодот на транзиција за една или две години, но британскиот премиер Борис Џонсон рече дека не го сака тоа.

ЕУ ќе остане без 66 милиони жители

Европската Унија в петок на полноќ првпат ќе остане без една земја-членка, и тоа една од најголемите и најбогатите.

По заминувањето на нејзините 66 милиони жители, Унијата ќе има население од околу 446 милиони, а нејзината територија ќе се намали за 5,5 проценти.

Ако Велика Британија некогаш посака да се врати, ќе мора да помине низ вообичаената процедура за пристапување.

Институциите

Отстранувањето на британското знаме пред зградата на Европскиот парламент во Брисел ќе симболизира вистинска промена: Велика Британија веќе нема да биде членка на ЕУ, туку „трета земја“.

Во Европскиот парламент повеќе нема да има ниту еден од сегашните 73 британски европратеници – 46 од овие места ќе бидат резервирани за идните земји-членки, а 27 ќе бидат прераспоредени.

Британија повеќе нема да има право на свој комесар во Европската комисија. Во новата Европска комисија веќе го нема, затоа што премиерот Борис Џонсон не сакаше да го именува.

Британскиот премиер повеќе нема да биде покануван на европските самити, а британските претставници нема да присуствуваат на министерските состаноци.

Како државјани на странска земја, Британците веќе нема да можат да се кандидираат за работното место европски функционер во Брисел. Сепак, многумина зедоа двојно државјанство за да можат да останат во Унијата.

Велика Британија нема да има право на глас во ЕУ, но до крајот на периодот на транзиција ќе мора да го плаќа својот дел во европскиот буџет. Велика Британија е втор нето-придонесувач во буџетот на ЕУ, по Германија.

Правата на граѓаните

Според ООН, скоро 1,2 милиони британски државјани живеат во некоја друга земја-членка на ЕУ, претежно во Шпанија, Ирска, Франција, Германија и Италија.

Според британското Биро за статистика, 2,9 милиони државјани од 27 земји-членки на ЕУ живеат во Велика Британија, што е околу 4,6 проценти од населението.

Според Договорот за повлекување, и едните и другите ќе ги задржат своите права на престој и работа во земјата во која престојуваат.

Државјаните на 27-те членки на ЕУ што живеат во Велика Британија ќе треба да се регистрираат за да ги остварат овие права. За Британците што живеат во ЕУ, процедурите варираат од земја во земја.

Слободата на движење ќе важи до 31 декември 2020 година. Деталите за реципрочните права ќе бидат договорени по брегзитот.

Преговорите

Велика Британија веќе неколку години преговара за условите на развод од ЕУ со експерти на Европската комисија предводени од Мишел Барние.

Но по петок преговорите ќе влезат во нова фаза. До крајот на преодниот рок Велика Британија ќе биде под надлежност на Судот на ЕУ и на европското право.

Барние со земјите-членки го договара преговарачкиот мандат за договорот за идните односи, првенствено за трговијата.

Спротивно на Договорот за повлекување, кој треба да го ратификуваат земјите-членки и Европскиот парламент, трговскиот договор ќе треба да го одобрат повеќе од 30 национални и регионални парламенти.

Европската Унија в сабота ја почнува втората фаза од преговорите со Лондон, во која ќе се обиде да ги дефинира нивните идни односи, пред сè трговијата, што воопшто нема да биде лесно.

„Невозможна мисија“

По заминувањето на Британија од Европската Унија в петок на полноќ, ќе настапи преоден рок што ќе трае до 31 декември 2020 година, за време на кој Британците ќе мора да ги почитуваат правилата на ЕУ. До истекот на овој период двете страни ќе треба да се договорат за новите односи.

Во случај да не се договорат, трговијата со Велика Британија ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација (СТО) сè додека не се постигне договор за слободна трговија, така што всушност би се случил „тврд“ брегзит.

Европската комисија на 3 февруари ќе го претстави мандатот за преговарање што ќе го донесат земјите-членки на министерскиот состанок на 25 февруари. Преговорите потоа ќе можат официјално да почнат.

Првиот рок е 1 јули. Најдоцна до овој датум ќе се знае дали преодниот рок ќе биде продолжен за една година или за две или воопшто нема да биде продолжен. Но тоа мора да го побара Лондон, а британскиот премиер Борис Џонсон веќе рече дека не го сака тоа и го внесе тоа во закон.

Имајќи го предвид времето потребно за ратификување на договорот, Лондон и Брисел во најдобар случај ќе имаат само осум месеци, од март до октомври, за да се договорат.

„Невозможна мисија“, според еден европски дипломат.

Ограничен договор

Со оглед на овие ограничувања, ЕУ нема да може да ја постигне својата првична цел да постигне „глобален договор“ што би ги опфатил сите аспекти на нивните идни односи (трговија со стоки и услуги, миграција, надворешна политика).

„Британската одлука е да ги забрза преговорите“, рече главниот европски преговарач Мишел Барние во интервју за Журнал ду Диманш.

Но некои прашања ќе мора да бидат решени „или ќе доведат до крах“, предупреди тој.

Приоритетите на Брисел се во 2020 година да се постигне компромис за риболовот, внатрешната и надворешната безбедност, а особено за трговијата со стоки. Другото ќе биде договорено подоцна.

Во однос на трговијата, Лондон во секој случај сака само едноставен договор за слободна трговија, како оние што ЕУ ги договори со Канада и со Јапонија.

ЕУ сака договорот да опфати механизам за решавање спорови, со можност за воведување санкции или суспендирање на договорот доколку не се почитуваат неговите одредби.

На ред е Барние

Барние рече дека „паралелно“ ќе бидат отворени „десетина преговарачки целини“.

Според еден европски извор, ќе бидат организирани само „осум до десет рунди преговори неделно“, што е „четириесетина дена чисти преговори“.

Ова изгледа малку кога ќе се земе предвид дека за да се постигне договор со Канада беа потребни пет години, а таа е помалку важен партнер од Велика Британија.

„На секоја тема ќе ѝ даваме две или три недели и ќе видиме што е можно. Ако разликите се премногу големи, ќе продолжиме понатаму. Некои теми ќе напредуваат добро, други воопшто не“, рече еден дипломат.

Фер-игра

Прво и најважно, Брисел ќе сака да се осигури дека Велика Британија не ја дерегулира својата економија кога станува збор за заштитата на животната средина, социјалната и фискалната политика и државната помош, како и за трговијата, и дека игра фер, односно дека не прибегнува кон дампинг.

Некои земји-членки на ЕУ би сакале Британците да ги почитуваат европските правила во овие четири области и автоматски да се приспособуваат на измените во законот. Тие сметаат дека ова е неопходно со оглед на географската и економската близина на Велика Британија.

„Нула царина, нула квота, нула дампинг“, сумираше Барние. Но Џонсон „јасно стави до знаење дека сака договор за слободна трговија од канадскиот тип, без усогласување“ со ЕУ, потсети еден британски функционер.

„Појдовна точка се екстремно високи стандарди“, додава тој.

„Да се зачува единството“

„Ќе биде тешко да се зачува европското единство“, рече еден европски дипломат, бидејќи европските престолнини немаат исти приоритети.

Земјите од Источна Европа им придаваат големо значење на индустриските производи. Други, како Луксембург, на финансиските услуги.

Франција, Данска, Ирска, Белгија и Холандија сакаат да го сочуваат правото на риболов во британските води, мошне симболично прашање што будно ќе го следат другите членки, загрижени поради отстапките за Лондон.

Рибарството би можело уште повеќе да ја разгори дебатата, бидејќи се чини дека Брисел би можел да го услови отворањето на чисто трговските преговори со договор за ова прашање.

Двете страни, на крајот на краиштата, ветија дека за риболовот ќе се договорат до 1 јули.

Швајцарски модел?

Европејците, а особено Франција, се загрижени за идната структура на односите меѓу ЕУ и Велика Британија. Дали таа ќе биде формална, со заеднички институции со јасно дефинирани надлежности, или од нешто послободен тип и структурирана со посебни договори за трговија, безбедност и други прашања, во зависност од потребите?

Многу членки, според Еурактив, се ужасуваат од другите опции, поучени од сложените односи на ЕУ со Швајцарија, кои се регулирани со над сто договори.