Home Актуелно Уште овие пет чекори ја делат Македонија од влез во НАТО

Уште овие пет чекори ја делат Македонија од влез во НАТО

Со „чекирањето“ на ратификацијата на Преспанскиот договор од страна на грчкиот парламент, пред Македонија остануваат уште пет формални чекори кои ја делат од полноправното членство во НАТО. Тој процес, според најавите, би требало да заврши до крајот на годинава или почетокот на следната, пренесува Мета.

Првиот и вториот чекор, односно формалното спроведување на Преспанскиот договор во двете земји заврши – на 11 јануари во Македонија и две недели подоцна – на 25 јануари во Грција.

Ратификацијата на Договорот во Грчкиот парламент попладнево ја поздрави и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Договорот од Преспа е важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Со нетрпение ја чекам идната Северна Македонија да стане членка на НАТО“, напиша Столтенберг на „Твитер“.

Следниот чекор е НАТО да подготви Протокол на Вашингтонскиот договор за пристапување на новата членка. Тоа е всушност амандман на оригиналниот договор за Северноатлантски сојуз, склучен во 1949 година.

Веднаш потоа почнува четвртиот чекор, процесот на ратификација на протоколот, во кој секоја од 29-те членки на НАТО треба да го ратификува протоколот според националните процедури. Процесот трае различно во секоја земја. Се очекува процесот да заврши до крајот на годинава, а Грција најави дека прва ќе го ратификува протоколот.

Додека трае ратификација, Македонија до одредено ниво учествува во процесите во Алијансата. На пример, може да учествува на сите форуми и средби, но без право на глас. Или, како што најавуваат македонските функционери, „ќе добие столче во НАТО“.

Петтиот чекор е поканата за пристапување, која до Македонија ќе ја упати генералниот секретар на НАТО кога сите членки ќе ги известат САД, депонентот на договорот, дека го ратификувале пристапниот протокол.

Македонија во шестиот чекор ќе треба и самата формално да го прифати пристапувањето во НАТО – со референдум или со гласање во Собранието.

Потоа одлуката за пристап му ја доставува на Стејт департментот на САД, „чуварот“ на Вашингтонскиот договор, и формално станува членка на НАТО.

Load More Related Articles
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…