Театарски спектакл и 13 претстави во конкуренција за 50. МТФ „Војдан Чернодрински“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На 12 јуни со театарски спектакал на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп ќе почне 50-то, јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, соопшти денеска на прес-конференција селекторот и уметнички директор на Фестивалот Петар Темелковски.

Во официјалниот дел на фестивалската програма и во трката за награди се 13 претстави на македонските професионални театри. Фестивалот ќе трае од 12 до 19 јуни.

– Со поддршка на локалната самоуправа и на Министерството за култура ќе направиме отворање на Фестивалот достојно за неговиот петдецениски јубилеј со кој ретко која манифестација може да се пофали, рече Темелковски.

Според изборот на уметничкиот директор на Фестивалот во конкуренцијата за награди се Македонскиот народен театар кој ќе ја изведе „Електра“ според митот за Електра од Еврипид, Софокле, Есхил и Сартр во режија на Андри Жолдак, Драмски театар  во официјалната фестивалска програма е со „Безљубни“ од Благица Секуловска во режија на Златко Славенски, Театар комедија е со „Многу врева за ништо“ од Шекспир во режија на Деан Пројковски. Театарот од Велес ќе настапи со „Приказни од шестиот кат“ од Драги Михајловски во режија на Дејан Дамјановски, Албански театар во програмата е со „Предавање“ од Мартин Мекдона во режија на Ќендрил Ријани, Турски театар е со „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Александар Поповски, Народниот театар од Штип во официјалната фестивалска програма е со „Хотел ни на небо ни на земја“ од Ерик Емануел Шмит во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, Битолскиот театар со „Иванов“ од Чехов во режија на Александар Баргман. Во трката за фестивалските награди се и претставите: „Залудни маки на љубовта“ од Шеркспир во режија на Тетовскиот театар, „Крвави свадби“ од Лорка во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на театарот од Струмица, „Мајка храброст“ од Брехт во режија на Ѕвездана Ангеловска, а во изведба на Кумановскиот театар, „Детектор за лаги“ од Сигарев во режија на ненад Витанов на театарот од Охрид и „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на народниот театар од Прилеп.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерите Мето Јовановски и Благоја Чоревски и театрологот Јелена Лужина.

Темелковски најавува богата фестивалска програма и во придружниот дел со полноќни театарски претстави и со промоции и трибини.

– Задоволен сум од претставите што ги гледав за да се состави фестивалската програма. Секогаш доаѓаат најквалитетните остварувања на театрите. Освен што програмата е шаренолика, на сцените ќе се појават и нови актерски имиња што се подмладок на ансамблите на македонските театри. Фестивалот ќе донесе и претстави во придружниот дел, трибини, особено ќе бидат претставени досегашните добитници на наградата за животно дело. Ќе биде претставена и монографијата за јубилејот на Фестивалот. На отворањето на 12 јуни, прво ќе има претстава на сцената од Прилепскиот театар, а сите потоа ќе се упатат на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ каде во чест на фестивалот ќе има театарско отворање со сета фестивалска публика и можност прилепчани да уживаат во тоа. Се уште се подготвува перформансот и допрва ќе се направи редоследот на претставите кои ќе бидат во програмата, изјави Темелковски.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески ја најави вообичаената поддршка на една од најголемите манифестации, особено што во пресрет на Фестивалскиот јубилеј комплетно ќе биде обновена големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков“.

– Фестивалот е гордост на Прилеп и за Македонија. Тој е на сите, особено на прилепската публика која знае да го цени и да ја награди театарската уметност, посочи Градоначалникот Ристески.