Танцови рутини како замена за фитнес – нов тренд во тенденцијата за „фит“ тело


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Набљудувајќи го порастот во сферата на фитнес информации низ нетот, може да се заклучи дека лесно се доаѓа до професионален совет. Блогови преполни со најновите вести; YouTube канали пренатрупани со корисни видеа; инфографици кои визуелно прикажуваат фитнес рутини од најразличен вид.

Но кумулативната моќ на сево ова, се чини, сè уште не успева да вроди со плод кога е во прашање мрзата и недостатокот на елан. Судејќи по моето скромно искуство, многумина кои прават обид да се фатат на фитнес орото набрзо дознаваат дека тоа бара поголема концентрација и повеќе вложување отколку што се очекува. Не е се така лесно како што изгледа, особено за оној кој долго го оставил своето тело без физичка активност.

18.1.tancovi-rutini1

Па така, наместо напорни тренинзи кои се засноваат на повторливост, постојат и други опции кои би можеле да допринесат за поинтересен старт, и подолготрајна дружба со фитнес.

Танцови рутини

Особено популарни во САД во периодот на седумдесеттите и осумдесеттите години, танцовите рутини набрзо добиваат нова форма и се преточуваат во кардио тренинзи најчесто во форма на Аеробик.
И додека целокупниот ефект се подобрува на сметка на зголемување на интензитетот, се изостава можеби најважната компонента- забава.

Во ера на достапни информации, алатки, апликации, теретани и фитнес центри на секој чекор, она што недостасува се чини е забава и дистракција од напорната работа.

18.1.tancovi-rutini2

Кај оние кај кои фитнесот е навика и рутина ова не претставува исклучително голем проблем, но кај почетниците и оние кои имаат тежок работен ден недостатокот на забава на сметка на напорен тренинг е можеби првата причина за прекинување на фитнес рутината.

Па така многу компании кои се занимаваат со изработка на фитнес програми, по примерот на повеќето фитнес центри во САД, одлучија да понудат и танцови рутини како начин за подобрување на физичката спрема. Одличен пример за ова е Cize од компанијата Beachbody.

Зашто токму танцови рутини?

Најпрвин, да се ослободиме од стигмата која е често присутна- танцовите рутини, иако со далеку послаб интензитет, сепак се валиден начин да се започне со тренинг на целото тело. Тие не се наменети само за постари жени и дејствуваат во повеќе вертикали- кардиоваскуларен тренинг, агилност и координација, баланс, брзина и зголемена контрола на телото.

Потоа да се задржиме на она што докажано функционира- забавата. Наспроти вообичаените рутини, танцовите вежби се сметаат за далеку позабавни. Држејќи ја концентрацијата врз постојаното движење и многуте различни потези, вниманието е насочено токму онаму каде што треба да биде. Времето навидум лета, и половина час поминува навистина брзо.

Диверзитетот при движењата, и ритамот се разбира, допринесуваат да почувствувате течение кое не е испрекинато од постојаните еднолични репетиции. Ова навистина помага кај оние кои само што почнуваат.

Покрај одличниот кардио тренинг, голем стрес ставате и врз долниот дел на телото. Нозете и долниот дел на абдоменот се постојано активни притоа тонирајќи низа мускулни групи. Но она што е исклучително важно е фактот дека овој тип на тренинг се смета за low-impact. Тренинг кој не наметнува голем стрес врз зглобовите и колената, па е затоа особено добредојден за почетници или пак луѓе со прекумерна тежина.

18.1.tancovi-rutini-3

Како да започнете?

Кај нас зумбата е веќе добро претставена. Многу фитнес центри ја вклучуваат во својата програма, а на лето може да најдете и големи групи на луѓе кои вежбаат во скопскиот Градски арк или пак на кејот на реката Вардар.

Исто така, можете да погледнете и низа видеа на YouTube, каде ќе научите десетина потези, и потоа да си изберете своја музика на која ќе танцувате. Во зависност од изборот на ритамот, може да се движите побавно на почетокот или пак далеку подинамично откако контролата врз вашето тело се зголеми.

Одличен старт е и програмот Cize, или пак додавање ритам на вашите веќе постоечки фитнес рутини. Набрзо танцовата рутина ќе ја зголеми вашата физичка спрема, особено кардиоваскуларната издржливост, па ќе може да почнете и со потешки тренинзи кои бараат повеќе дисциплина.

За крај, погледнете ги само танчерите и нивните фит тела- тие мора да знаат нешто што ние останатите очигледно не знаеме.

Автор: Славко Дешиќ