Светската музичка критика го прогласи „Варијации“ од Симон Трпчески за албум на месецот


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Реномираното британско и едно од водечките светски музички списанија „Грамофон” во својот јунски број го издвои како компакт-диск на месецот новиот албум „Варијации” на нашиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески, во избор на уредникот Патрик Ракер.

Трпчески за своето најново соло издание (трето за издавачката куќа „Лин рекордс”) избра дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.

Рецензентот на „Грамофон” за новото издание истакнува дека во исто време ќе предизвика восхит и зачуденост. Ракер во поширокиот осврт, меѓу другото истакнува: „… интерпретацијата на Трпчески на оваа деликатна, нежна музика (од Брамс – н. заб.) е најличното свирење што сум го слушнал од него. Длабоко тапациран, секако, но во исто време јасен, жесток и искрен… целата варијација (од Моцарт – н. заб.) е како виор низ прозорецот на возилото кое забрзано се движи по автопатот со безмалку 130 километри на час… изведбата на Трпчески овде (за Бетовеновите варијации – н. заб.) може да послужи како саундтрак за научно-фантастичен филм на Андреј Тарковски…”, одушевено подвлекува критичарот на највлијателното светско списание за класични рецензии „Грамофон”, информира КултурОп.

Максимални пет ѕвездички – и за изведба и за квалитет на снимката, на албумот „Варијации” му додели и престижниот британски „Би-Би-Си Мјузик магазин”, чиј рецензент Мајкл Чрч ја истакнува „карактеристичната префинетост на Трпчески”, подвлекувајќи ги убавината и лесниот допир кои изведбата „во исто време ја прават интимна и земјотресна”.

Критичарот Ален Ломпеш од францускиот магазин „Класика”, пак, истакнува дека „македонскиот пијанист Симон Трпчески прави да не се фокусирате само врз музиката, туку овие варијации стануваат и вистински лекции за стил”, благодарение на, како што вели, „крилестата виртуозност” на пијанистот.

КултурОп соопшти дека по рециталните настапи во Соединетите Американски Држави, концертите со Кралскиот шкотски национален оркестар низ Шкотска и четирите вечери со Сиднејскиот симфониски оркестар во Градската куќа во Сиднеј, јунскиот распоред на нашиот пијанист го води на завршницата на сезоните на Филхармонискиот оркестар на Рочестер во САД, каде со шеф-диригентот Андреас Делфс ќе го изведат Концертот за пијано и оркестар од Григ и на Енеску филхармонијата во Букурешт, каде што во две вечери под диригентската палка на шефот-диригент и на Македонската филхармонија Габриел Бебешелеа ќе го изведат Вториот концерт за пијано и оркестар од Брамс.

– Крајот на јуни е резервиран за нов заеднички концерт со легендарниот виолинист Максим Венгеров во Белград. Во текот на јули Трпчески ќе одржи рецитал во Загреб, а ќе настапи и крај Тулуз, Франција, на малиот Фестивал на камерна музика во организација на нашиот доајен, виолинистот Благоја Димчевски. Следуваат концертите со „Македонисимо” – северноамериканската премиера во Отава и повторните гостувања во Пјонгчанг во Јужна Кореја. Завршниот концерт од сезонава е во рамките на Грент парк музичкиот фестивал во Чикаго, информира КултурОп.