Странци плаќале огромни суми за да пукаат со снајпер и да убиваат сараевчани за време на опсадата на Сараево во ’90-те (снимка)


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Обвинителството на Босна и Херцеговина отвори истрага во врска со наводите дека за време на војната од 1992 до 1995 година во БиХ организирано пристигнувале лица кои биле подготвени да платат само за да пукаат со снајперски пушки кон граѓаните на Сараево, гард кој беше тогаш под опсада, а притоа децата им биле нивна посебна мета.

Застрашувачки тврдења од овој вид беа изнесени во документарниот филм „Сараево Сафари“, на словенечкиот автор Миран Жупанич, кој за прв пат беше прикажан на документарниот фестивал организиран од телевизиската мрежа Ал Џезира Балкан на почетокот на годинава, а премиерно беше прикажан во редовната програма на таа телевизиска куќа вчера.

По првата проекција на филмот, градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ, поднесе кривична пријава за воени злосторства против непознати сторители за кои се претпоставува дека убиле сараевчани од забава за време на војната.

Градоначалничката Кариќ во вторникот на Твитер објави дека добила известување од државното обвинителство дека е назначен обвинител кој во соработка со полициските агенции ќе ги истражи наводите во извештајот.

„По донесувањето на одлуката на обвинителството, вие како барател ќе бидете писмено известени за тоа“, се наведува во дописот на Обвинителството на БиХ. Откако во септември поднесе кривична пријава, Кариќ појасни дека тоа го смета за своја човечка обврска.

„Сметам дека е правилно и моја должност да реагирам на овој начин на фактите претставени во документарниот филм „Сараево Сафари“, во режија на Миран Жупанич, според кои странски државјани, ’ловци на човечки глави‘ плаќале да пукаат во невини цивили за време на опсадата на Сараево“ – вели градоначалничката.

Филмот на Жупанич е заснован на нарација на личност која тврди дека има словенечко потекло и која добила можност да учествува во морбидната хајка на луѓе организирана со летови преку Белград до Пале. Организаторите на ваквите „сафари тури“ не се споменуваат.

– „Сараевското сафари“ беше специфично, незамислив вид лов за нормален ум, лов на луѓе. За време на опсадата на Сараево, на богатите странци, кои платиле одредена такса, им било дозволено да пукаат во луѓето во слободниот дел на градот од српските позиции. Жртвите беа цивили кои во тој момент се најдоа во ќорсокакот на снајперските пушки на тие сурови странци – објаснува режисерот Жупанич за Ал Џезира Балкан.

Филмот е исполнет и со автентични снимки од убиствата на цивили во Сараево за време на опсадата, а дел од него е и исповедта на Стана и Самир Чишиќ, чија ќерка била убиена од снајперски куршум во центарот на градот кога имала само една година и шест дена. Мајката на Стана пред камерата изјавила дека е очигледно дека снајперистот го гаѓал нејзиното дете бидејќи негова цел не биле ниту мајката, ниту нејзините две другарки кои стоеле веднаш до девојчето.