„Србија против насилство“: Масовни протести после масакрите во Белград и Младеновац


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во Белград и низа други српски градови се одржаа големи протести под името „Србија против насилство“. Протестите се одржани како одговор на двата неодамнешни масакри во земјата.

Во првиот, 13-годишен ученик во училиште во Белград со пиштоли уби 8 свои соученици и училишниот чувар. Во вториот, 21-годишниот Урош Б. со истрели од автоматска пушка во Младеновац и околината уби осум лица.

Граѓани и претставници на опозицијата се собраа пред зградата на парламентот, каде беа прочитани барањата до владата, а потоа започна мирна прошетка до владата на Србија. Никој од опозицијата не зборуваше на собирот. Организаторите проценуваат дека се собрале околу 50.000 луѓе и најавуваат дека „Србија ќе стане“ доколку владата не ги исполни нивните барања до петок.

Беа истакнати повеќе барања, чија цел, како што се наведува, е да се намали нивото на насилство во Србија. Најпрво од властите се бара смена на раководството на РЕМ (регулаторното тело за медиуми) и Радиотелевизијата на Србија и да им се одземе националната фреквенција на прорежимските телевизиски станици Пинк и Хепи, како и да се забранат таблоиди што промовираат насилство.

Наставничката Марина Видојевиќ, која на протестот ги прочита барањата до Владата на Србија, за Нова.рс изјави дека одѕивот бил огромен, што не го очекувала.

„Особено е важно тоа што луѓето делуваат апатично, незаинтересирано, но дека меѓу живот и смрт избираат живот. Не очекувам владата така лесно да се откаже од своите удобности, придобивките, моќта. Но, очекувам да се засилиме. Ова е почит кон жртвите и нивните семејства, а за нас останатите зајакнување во борбата. Очекувам повторно да се сретнеме овде во петок, за да покажеме колку нѐ има“, рече таа.

Како што јавува репортерот на Нова.рс, граѓаните велат дека со години не виделе толку голем број на луѓе собрани на едно место.

Пратеникот Срѓан Миливојевиќ на социјалните мрежи објави дека се собрале 50.000 луѓе. Организаторите порачаа: „Ако не ги исполнат нашите барања, Србија ќе стане“.

Реката граѓани пред српската влада ја поздравија со аплауз изјавата на наставничката, која повторно ги прочита барањата на демонстрантите.

Српскиот независен портал Данас објави дека се проценува дека на денешниот протест против насилството во центарот на Белград дошле околу 50.000 луѓе.

„Ова е само почеток, срцето ми е полно и мислам дека на следниот протест треба да бидеме уште повеќе“, изјави една граѓанка за Н1.