Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка биле задолжени за спроведувањето, а локалните власти од општина Тетово и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите кои ги објави Дојче веле.
Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно.
Додека се чекаат резултатите од истрагата која треба да одговори на многу прашања во врска со смртта на 14 пациенти и нивните роднини во тетовскиот ковид-центар на 8 септември годинава, истражувањето на ДВ во документацијата за проектот расчистува некои дилеми во однос на надлежноста и одговорноста за контролата на изградбата, функционалноста и заштитните механизми.
Според овие документи, надлежни за спроведување на проектот во делот на институционалните договори биле тим- лидерот од Светска Банка и лице од проектната канцеларија на Светска Банка при Министерството за труд и социјална политика како проект-менаџер. Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, во меѓувреме понуди оставка на функцијата, исто како и економскиот директор на клиниката Артан Етеми- кој не се споменува во документацијата. Никој од засегнатите, кои ги контактираше ДВ, во моментов не смее да коментира ништо во врска со случајот поради тековната истрага.
Оваа ситуација се повторува и во речиси сите други модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата- како надлежни за комплетниот надзор над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“. Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра.
Согласно договореното, по реализацијата на проектот, односно завршувањето на модуларните болници, во документот требало да биде впишано и името на инженерот кој извршил надзор над завршената работа. Таа графа останала празна во сите модуларни болници.
Споделени надлежности
Во документите јасно се наведува дека во речиси сите фази од изградбата и контролата на објектите надлежни се локалните власти. Во случајот на тетовскиот модуларен ковид-центар, се наведува дека од подготвителната фаза, па се до последната оперативна фаза, за контрола на изградбата, функционалноста и заштитните механизми во објектот надлежни се, во различни сегменти, општинските власти во Тетово или изведувачот-понудувач „Брако“.
На пример, уште во подготвителната фаза се предвидува присуство на супервизор од општина Тетово. Во следната- фаза на градба- контроли од општински инспектори за градба и животна средина. Во мониторинг фазата, исто така.
Средствата за тоа биле обезбедени во буџетот за проектот или требало да ги сноси изведувачот.
Во последната, оперативна фаза која опфаќа:
– План за регуларно одржување на инсталациите (вода, одводна мрежа, струја, греење) во болницата (Надлежни: Претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, Комунален инспектор и одговорно лице во болницата);
– Подготовка на План за заштита од пожар и имплементација на заштитни мерки (Надлежни: Директорот на болницата во Тетово и одговорно лице во болницата); и
– Подготовка на план за менаџирање на отпад и контрола на зарази (Надлежни: Претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, Комунален инспектор и одговорно лице во болницата)
надлежни се претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово и комунални инспектори. Овие три ставки од оперативната фаза требало да бидат платени од буџетот на тетовската болница. Планот за одржување на инсталациите и менаџирањето на отпадот требало да се изготви „пред пуштањето во употреба на болницата“, додека Планот за заштита од пожар требало да се реализира „на почетокот на работата на болницата“.
Во итни случаи и вонредни околности, како пожари, одговорноста е на болницата, болничкиот персонал и Дирекцијата за заштита и спасување. Како дел од планот за итни ситуации, во документот се предлага сите вработени во ковид-центарот да бидат обучени за реакција во итни ситуации и за точната процедура во такви ситуации.
Документите содржат и техничка спецификација на проектот за модуларните болници во кои се потврдува она што ДВ веќе го објави, дека се барале ѕидови и кровови од „еколошки ПУР панели“, за кои повеќе експерти потврдија дека многу лесно горат и не нудат доволна заштита од пожар.
Тетовската модуларна болница беше пуштена во употреба на почетокот на април годинава, а како и кај останатите, изведувачи на проектот беа велешката фирма „Брако” и валандовската „Ари и Том“ кои победија на тендерот на Министерството за труд и Светска банка со најевтина понуда- што беше и главен критериум.