Со програмата „Обнова“ Мицкоски ветува над 1.000 проекти за граѓаните


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Битола ја промовираше партиската програма за изборите 2020 година наречена „Обнова“, во која ветува 1.000 проекти наменети, како што вели тој, за граѓаните.

Во фокусот, како што рече, се економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна „повеќе пари за секого“.

„Мораме преку реиндустријализација и константен економски развој да постигнеме стандарди базирани на вредности. На народот му се потребни пари, наместо демагогија, а на државата работа и резултати, наместо неспособност и порази. ВМРО-ДПМНЕ и целиот интелектуален и експертски тим седи зад еден голем проект – ‘Обнова’ со над 1000 проекти за секого“, рече Мицкоски.

Тој презентира дел од планираните проекти, доколку ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада:

– Раст на БДП од минимум 4% секоја година;

-Невработеност под 10%;

-Повисоки плати за минимум 25%;

-Ниски даноци, најниски во Европа од 8%;

За младите и за просветните работници, Мицкоски вети:

-За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци и тие да можат да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1 000 на Шангајската листа;

-Усогласување на платите за наставниците и професорите со Колективниот договор во образованието;

-За просветните работници во основното и средното образование личен доход од 36 000 денари месечно;

-За вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања;

-Реновирање и реконструкција на студентските домови;

За земјоделците, Мицкоски вети:

-Субвенции во износ минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп;

-Нов концепт во земјоделството, едноставни и брзи процедури:

-80 милиони евра за нови водоводни мрежи за еден мандат;

-Кредитен револвинг-фонд за откуп на земјоделски производи,

-Повеќе од 50% покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.

„За да ги менуваме работите мора да имаме сон. Јас тој сон со сета моја сила ќе се трудам да го остварам. Имаме стратегија, план и конкретни чекори и имаме срце и знаење за големи чекори. Македонија ќе се исправи и мојата генерација мора да успее“, рече Мицкоски во Битола, која е во рамките на 5 ИЕ, а каде што носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ е оперскиот пејач Игор Дурловски.