Со нов закон ќе се легализираат сите дивоградби изградени до 2018 година?

Со новиот закон кој го готви Владата, се планира легализирање на дивоградби заклучно со 31 декември, 2018 година. Со ваквиот закон, практично се продолжува праксата за легализација на дивоградби која ја започна претходната власт, која беше временски ограничена до 3 март 2011 година, пренесува „Телевизија 24“.

Во нацрт верзијата на законот до која дошла „Телевизија 24“ стои дека можност за легализација ќе имаат сите градби изградени без дозвола кои се приклучени на вода и струја. Освен цели објекти, ќе се легализираат сите доградби и надградби на куќи и згради.

„Подносител на барањето може да биде физичко лице, државјанин на Република Македонија, правно лице регистрирано во Централниот регистар и јавни институции кои се иматели на бесправните објекти“ – стои во нацрт верзијата на законот.

Право на легализација ќе имаат и странците во земјава, без разлика дали настапуваат како физички или правни лица. Од Министерството за транспорт и врски не сакаат да го коментираат текстот се додека тој не се усогласи со општините. Работната верзија на законот веќе е доставена до ЗЕЛС. Претседателот Шилегов тврди дека дивоградбите се уште се голем проблем за општините.

Власта се уште не се договорила, дали законот во Собранието ќе го достави Министерството за транспорт или група пратеници. Со претходниот Закон беа поднесени над 430 илјади барање, а се легализираа над 200 илјади дивоградби.