Со гаранција од 240.000 евра Кичеец на слобода ќе ја чека правосилноста на затворската казна


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со гаранција во имот вреден 240.000 евра, осудениот за случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, од домашен притвор кој му беше укинат, како слободен човек ќе ја чека правосилност на тригодишната затворска казна. Кичеец веќе десетина дена е на слобода.

За ова понудил гаранција во имот од, како што вели неговиот адвокат Александар Новаковски, 240.000 евра, а позитивно мислење дала и обвинителката Вилма Русковска.

Причина за укинување на домашниот притвор е лична, приватна кај Милески. Тој се обратил со такво барање до надлежните судските инстанци поради неодамнешната смрт на неговиот татко, пришто навел дека треба да се грижи за мајка му која останала сама, а го поткрепил и со останати семејни моменти.

Милески ја призна вината во обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал во кое се товареше за посредување и примање награда за договарање на средби меѓу Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев во случајот „Рекет“ и во вториот ден по почнување на судењето беше осуден на казна затвор од три години.

Тој беше третообвинет во случајот во кој првообинетиот Бојан Јовановски и второобвинетата Катица Јанева сè уште докажуваат дека се невини за делото со кое се товарат.