Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Од Општина Кавадарци информираат дека по повод 80-годишнината од убиството на 12-те ваташки младинци, во нивна чест се изработуваат 12 бисти кои ќе бидат претставени на 16-ти јуни, како и Спомен соба која ќе биде свечено отворена на денот кога се навршува годишнината од нивната смрт.
По тој повод на 16-ти јуни на местото на кое свирепо се стрелани дванаесетте млади животи, ќе има пригодна културна програма за достојно одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност, а сите детали околу настанот ќе бидат дополнително соопштени.
Изградбата на Спомен куќата и бистите во чест на 12-те Ваташки деца кои беа крвнички убиени на 16-ти јуни 1943 година во близина на Моклиште беше најавена минатата година.
Спомен костурницата на стреланите 12-те младинци од Ваташа, беше откриена на 11-ти октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. Ја изработи познатиот прилепски вајар Јордан Грабулоски –Грабул.
Во 2007 година дрски крадци започнаа да крадат парче по парче од рељефот на споменикот, како и буквите од имињата на жртвите, за да на крај успеат да однесат околу 50 килограми бакар.
Сторителите до денес не се откриени. Во 2018 година се започна со средување на целиот простор кој своевремено беше годост на општината и популарно излетничко место каде постојано имаше посетители, со цел да си го врати стариот лик.
Општината заедно со тимот од ЈП Комуналец Кавадарци на повеќе од 30.000 метри квадратни направија разеленување, уредување, стази, поставија тоалети во функција, како и нов рељеф, за кој Министерството за култура одобри 220.000 денари, за да се врати автентичноста на споменикот во делот на бакарниот рељеф кој беше украден.
Сега, по повод 80 години од смртта на Ваташките деца, општината одвои 3.200.000 денари за целосно средување на локалитетот.
Убиените младинци од Ваташа беа на возраст од 15 до 27 години. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Убиството се случило на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори. Младинците биле одведени во селската меана, тепани и обвинувани дека им помагале на партизаните. По измачувањето, полицијата и војската ги однеле во Моклиште. Додека ги воделе на стрелање, им кажувале дека ќе ги фотографираат.
Четири девојки, Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева биле сведоци на настанот. Младинците првин биле изрешетани со куршуми, а потоа избодени со бајонети. На родителите не им било дозволено да си ги погребаат децата, и тие биле покриени со земја и гранки. Погребот беше организиран по војната.
Извор: Фокус