Случај „Рекет“: Катица под псевдонимот „мајка“, Боки го молел Заев да се сретнат


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ се презентираа нови докази меѓу кои се најде и комуникацијата помеѓу поранешниот македонски премиер Зоран Заев и првоосомничениот Бојан Јовановски.

Во денешното презентирање на доказите обвинителката Ивана Трајчева презентирајќи ја комуникацијата, направена преку мрежата Вотсап, покажа пораки што Јовановски ги испраќал до својата мајка, во кои ја известува за својата комуникација со Заев.

На 16.4.2019 Јовановски на својата мајка Јасминка ѝ испраќал скриншотови од комуникација со Заев направена кон крајот на февруари. Во пораките тој му пишува на Заев дека никогаш не го злоупотребил неговото име, го моли да размисли, му вели дека му е другар и пријател и бара од него да го прими на средба.

„Никогаш не сум го злоупотребил вашето име, да размислиш и да ми кажеш, другар сум ти и пријател, и те молам да се видиме“, напишал Боки.

Во една од пораките презентирани преку скриншотови што Јовановски ѝ ги испратил на мајка си се гледа дека лице меморирано како „Зоран Заев“ му испраќа порака со содржина: „Боки, ги видов доказите, згрозен сум, јас сум претседател на Влада и должен сум да го заштитам правото и правната држава.“

По ова според доказите што беа презентирани денес, Јовановски повторно го моли Заев да го прими на средба, му укажува повторно дека не го злоупотребил ниту него ниту неговото име, му вели дека за сè што знаел прво го известувал него, дека не се служел со никакви дворски игри и дека бара да се сретнат.

Во нова порака лицето запишано како Заев му вели на Јовановски дека е огорчен од тоа што се случува, дека е пред сериозни одлуки, дека ги видел доказите и дека „тоа е чист рекет“.

Според досега презентираната документација, не се знае дали по овие пораки Заев се сретнал со Јовановски во врска со неговите барања во случајот „Рекет“ за кој беше отворена истрага во почетокот на мај минатата година.

Во доказите кои беа приложени пред судот, во комуникацијата помеѓу Боки и адвокатот Васил Димишков се појавува и обвинителката Катица Јанева, но не со нејзиното име, туку под псевдонимот „Мајка“.

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ беа презентирани и пораки испраќани меѓу обвинетиот Јовановски и адвокатот Димишков, кој ѝ е брат на Весна Димишкова, судијката на претходна постапка во случајот „Империја“, во кој е осомничен Орце Камчев.

Комуникацијата на Вотсап, која е дел од доказите, почнува во септември 2018, а продолжува и во почетокот на 2019, и се однесува на договарање меѓу Јовановски и Димишков околу средби во Александар палас, како и праќање на документи што биле доставувани во врска со овој предмет до Основниот кривичен суд.

Јовановски во една од пораките му пишува на Димишков: „Со Мајка сум на пат, не можев да зборам.“

Во друга порака му пишува: „Сè уште чекаат да стигне до кај Мајка“.

Во нова порака Димишков му пишува на Јовановски: „Извини, може ли да ја потсетиме Мајка, времето си оди? Види со Мајка до каде се.“

Во порака од април 2019 адвокатот му пишува на Јовановски: „Да се видиме, има нешто ново за кај Мајка.“

Во продолжение на доказите Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција презентираше и Вотсап-комуникација меѓу вработена во Пјер Карден што во февруари 2019 му праќала пораки на Јовановски околу цена за набавка на мебел.

„Господине Јовановски, ја намаливме цената на мебелот и конечната е 17.500 евра. Дали Ви одговара?“, му пишува вработената на Јовановски.

„Одговара“, возвраќа тој.

Таа му праќа нова порака: „Баш ми е мило“ и го известува за нова нарачка на комода, за која во доказите има и фотографија, и во која го известува дека новата пратка ќе чини 2.400 евра.

Извор: Мкд.мк