Home Актуелно Скопска апелација ја укина гаранцијата на Сеад Кочан: Повторно ќе се одлучува за притворот

Скопска апелација ја укина гаранцијата на Сеад Кочан: Повторно ќе се одлучува за притворот

Апелацискиот суд Скопје му ја укина гаранцијата на бизнисменот и сопственик на ТВ Нова, Сеад Кочан. Судот ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство и ја укинал одлуката на судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, со која беше прифатена гаранцијата од околу 900.000 евра за Кочан да може да се брани од слобода во случајот Труст, пишува на веб страницата на судот.

Одлуката за укинување на гаранцијата, Апелацискиот суд ја донел на седница која се одржала завчера. Кривичниот совет на Судот оценил дека не биле доставени сите потребни докази со кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.

Предметот, како што информираат од Апелацискиот суд, се враќа на повторно одлучување кај судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1.

Кривичниот суд на средината од минатиот месец го одби барањето на СЈО на Кочан да му биде одреден притвор и го прифати предлогот на неговиот адвокат, да му биде одредена парична гаранција од 875.298 евра, да му биде одземен пасошот и да се јавува еднаш неделно во судот.

Кочан е првоосомничен во случајот Труст, во кој, заедно со уште две лица и со фирмите Трансмет од Скопје, Силекс од Кратово и Вато од Студеничани, СЈО го товари дека со фалсификувана документација добил тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…