Скопје домаќин на меѓународен турнир во женски фудбал


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Млади фудбалерки од повеќе од 40 националности престојуваат во Скопје и во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се натпреваруваат на меѓународен турнир кој се одржува на теренот на фудбалскиот клуб „Алумина“.

Домаќин е меѓународното училиште „Нова“, а македонските бои ќе ги брани тимот од оваа образовна институција. Фудбалските надежи ќе си ги измерат силите на теренот со фудбалерки од Белград, Србија; Софија, Бугарија; Киев, Украина; Баку, Азербејџан и Рига, Латвија.

Турнирот е дел од активностите во рамки на Асоцијацијата на образовни институции од Централна и Источна Европа (CEESA) во која членува и „Нова“. Настанот почна денес со дуелот помеѓу тимовите од Украина и Азербејџан, а сите натпревари се отворени за посетители и ќе се одржуваат од 9.30 часот наутро до попладневните часови.

„Немаме прецизна информација дали ние сме единственото училиште во земјава каде што се тренира женски фудбал, но знам дека кај нас тешко доаѓаме до противници за нашиот тим. Од друга страна меѓународните училишта, членки на асоцијацијата CEESA имаат добро развиени програми за женски фудбал, како за ученички од основно, така и за средношколките. Овие шанси, за нашите ученички да се натпреваруваат на интернационално ниво се од непроценливо значење“ – објаснува Александар Ристовски, спортски директор во „Нова“.

Женскиот тим на „Нова“ има освоено неколку трофеи на овие меѓународни турнири и натпреварувања.

„Сепак, ние повеќе сакаме успехот да го мериме преку тоа како учеството во нашите програми им помогнало на ученички да се развијат во подобри личности и колку е вредно искуството што го стекнале за време на овие настани, а не во тоа колку и какви медали имаме освоено. Значајно е да се освојат трофеи, но уште позначајни се позитивните и вредни искуства“– појаснуваат од оваа образовна институција.

Скопје и „Нова“ по втор пат се домаќини на турнир по женски фудбал. Голем број на фудбалерки од училишта од Централна и Источна Европа пред точно една година престојуваа во главниот град и три дена се натпреваруваа за највисоките места.