Скопјани ќе се греат со помош на ТЕ-ТО


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Скопјани ќе имаат парно ама дали и колку тоа ќе чини во конечните пресметки е сѐ уште неизвесно, пренесува Дојче Веле.

Вклучување на погоните на термоелектраната ТЕ-ТО и во викендите е новиот рецепт со кој надлежните ќе ја покриваат кризата со топлиnската енергија. Засега, нема договор со БЕГ- Балкан енерџи, а нема ништо од најавите за времено преземање на мрежата за парно греење

„Се предлага мерка ТЕ-ТО да работи седум дена во неделата во периодот од 05 часот изутрина до 1 часот по полноќ. Со оваа одлука АД ЕСМ ќе ја откупува произведената електрична енергија од ТЕ-ТО која што не е наменета за нејзините потрошувачи за што ќе се склучи и посебен договор во текот на утрешниот ден. Со преземањето на електричната енергија ќе се обезбеди дополнителна топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на Град Скопје“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Цената по која АД ЕСМ ќе ја купува произведената струја во викендите според Владата не треба да биде повисока од 170 евра за мегават час, колку што чини производствената цена на струја од комбинирана постројка за електрична енерија и топлинска енергија како што е ТЕ-ТО. Владата очекува дека оваа понуда ТЕ-ТО ќе ја прифати бидејќи постројката работи со неискористен целосен капацитет дури и за време на работните денови:

„Се согледува дека АД ТЕ-ТО има капацитет кој не е во целост искористен. Инсталираниот капацитет на термоелектраната е 227 мегавати, а искористениот е околу 200 и тоа во работните денови. Со производството и во викендите ќе има вишоци кои можат да се искористат за домашниот конзум и потребите на Балкан енерџи груп за топлинската енергија“, изјави Бектеши.

Ваквата одлука практично ја става во втор план идејата за финансиска помош за БЕГ од буџетот вредна 6 милиони евра за покривање на трошоците, а ја исфрла од игра и идејата за времено преземање на управувањето со постројките од страна на државата. Сепак ова не е и конечно решение, со оглед дека станува збор за понуда од Владата. Но во услови на кризна состојба Те-ТО нема многу опции за калкулирање, оти со уредбата Владата има право да ги вклучи целосно во погон сите енергетски постројки за производство на струја, а во случајов вишокот кој ќер се произведува ќе се откупува од страна на државната енергетска компанија.

Министерот за економија денеска откри дека државата не може да му помогне на БЕГ ниту со поволни кредити оти компанијата не можела да обезбеди банкарска гаранција. Нема ниту одговор на понудата за финансиско покривање на трошоците со средствата од буџетот за кои се отвора и сомнеж колкави се навистина со оглед на анализите на цената на природниот гас:

„Ние ги следиме цените на берзите и цените кои се понудени на македонскиот пазар. Цените кои ги понудил БЕГ се 1480 долари за нормален кубик, а само денеска тие на берзите се под 900 долари. Ова е голема разлика со цената на природниот пазар што го бара БЕГ и тоа што е на берзата“, објасни Бектеши.

Опозицијата го поздрави потегот на Владата но потсети дека идејата за ова уште пред неколку дена ја дал претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој укажал да се искориста во целост капацитетите на ТЕ-ТО. Сепак ова сега е можно со понудата на државата АД ЕСМ да ја откупува и произведената струја во викендите. Опозицијата критикува дека е загубено премногу време кое чини многу пари. За споредба велат Србија плаќа гас по цена од 270 евра за кубен метар, Турција 210 евра, Германија 230 евра.

„Македонија и македонските компании плаќаат цена и до 3 пати поголема од таа што ја плаќаат овие држави и нивните компании, и тоа е само заради неспособноста на СДСМ. Таа разлика од минимум 500 евра по кубен метар гас повеќе, ако се преговараше на време немаше да биде на терет на народот и буџетот“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

Добрата вест во новиот план е што со ова би се обезбедила и топлинска енергија за потребите на топланата „Скопје Север“ која за разлика од „БЕГ“ одговорила позитивно на понудата од владата за финансиско покривање на разликите во загубите.

Интервентниот план на Владата е со цел да се спречи натамошно зголемување на цените на парно греење кое веќе поскапе за 14%. Владата повика во финансискиот план да се вклучат и општините и Град Скопје кои пак експресно ја отфлија оваа можност со тврдерње дека немаат средства за вакво нешто. Дополнително, општините се пожалија дека и самите имаат сериозни проблеми за да ги покријат сопствените сметки за струја кои пораснале дури за тројно.

Изминативе денови скопјани секојдневно се жалат на топлината во нивните домови. Велат дека парното или се вклучува многу доцна или е многу слабо.

Експертите предупредуваат дека локалната власт и без тоа се соочува со сериозен енергетски проблем, откако струјата драстично поскапе. Критикуваат дека се доцни со интервенциите и бараат сериозно да се пристапи кон исполнување на зацртаните енергетски стратегии и искористување на домапшните капацитети:

„Тоа што ни се случува апсолутно е пропуст на државата, затоа што нема институции коишто размислуваат или собираат информации, ги анализираат и предвидуваат. Владата одеше на систем „купи ден, продај“ за да остане подолго на власт, бидејќи во надворешната политика не се остварија очекувањата, и тогаш тие заборавија на економијата, на енергетиката, заборавија дека енергетиката е локомотива којашто го движи економскиот развој. Со децении не се инвестира, не се анализира што не чека и нормално дека ова ќе се случи“, предупредува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Инаку, според последниот достапен финансиски извештај, „БЕГ“ во 2019 година, имал заработка од 982.000 денари, а во 2018 од дури 25 милиони и 679.000 денари. Со последната одлука приоблемите треба да бидат решени, но заклучно со јануари. Од Владата велат дека доколку има потреба ќе се реагира и за периодот потоа, што се овозможува со уредбата за кризна енергетска состојба.