Што би рекол Фројд за феноменот „селфи“?


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Денес на „селфи“ гледаме како на некоја нова појава – изразот „селфи“ влезе во Оксфордскиот речник во 2013 година и набрзо стана збор на годината.

Меѓутоа, „селфи“ фотките се стари колку и самата фотографија. Првото „селфи“ е направено во 1839 година од страна на американецот Роберт Корнелиус.

Таткото на психоанализата, Сигмунд Фројд, го има популаризирано и многу различни концепти од типот на его, потсвест и одење на терапија. Една од тие идеи е и претераната љубов кон самиот себе, позната како нарцизам.

Во грчката митологија, момчето Нарцис еден ден, додека одело покрај реката, одлучило да се напие малку вода. Во мигот пред да се напие вода, го видело одразот на својот лик во водата и потоа толку долго се загледал и си се восхитувал на самиот себе и својата убавина, што изгубил претстава што се случува околу него.

„Нарцис“ од Караваџо

На крајот, Нарцис се удавил обидувајќи се да го прегрне својот одраз во водата. Фројд вели дека самољубието е природна појава. Меѓутоа, тоа може да се претвори во психолошко пореметување кога некој се сака себеси до таа мера што ги исклучува сите останати.

Тест за нарцизам

И токму тоа е она кое ние го нарекуваме нарцизам. Психолозите развија тест за мерење на карактерната особина на еден личност како што е нарцизмот, пренесува ВВС.

Еве дел од резултатите од таквиот тест:

– Нарцистите обично се поактивни на социјалните мрежи

– Објавувањето селфи се поврзува со претераното самољубие

– Жените обично се помалку склони кон нарцизам, иако објавуваат повеќе селфи фотки

Од друга страна, американскиот психолог Џин Твенге покажа дека нарцизмот е во сè поголем пораст. Таа тврди дека во изминативе неколку децении нарцизмот достигнал ист степен како и претераната дебелина кај луѓето.

Повеќето идеи на Фројд потекнуваат од неговото секојдневно набљудување на околината, а количеството на информации кои денес ни се достапни би биле интересна содржина за некој како него. Фројд би сакал да го анализира феноменот „селфи“. Би забележал дека луѓето објавуваат селфи фотки не затоа што се заљубени во самите себе, туку затоа што сакаат останатите да бидат заљубени во нив.

Да не забораваме дека Фројд своите истражувања ги започнал кон крајот на 19. век, во период на далеку поголема сексуална репресија. Жените и мажите тогаш се држеле одвоени и биле учени да се срамат од изразувањето ан својата сексуалност, или уште полошо, од уживањето во неа.

Многу пациентки на Фројд, кои потекнувале од високото виенско општество, страдале од „хистерична парализа“, односно, биле неспособни да одат, без никаква физичка причина. Фројд сметал дека појавата на „хистерична парализа“ била начин на барањето внимание.

Ако имаме потреба од туѓо внимание, зарем не е подобро да споделиме некое бесрамно селфи?

Можеби е така, но тоа не значи дека не постои и нешто нездраво во оваа опсесија, не само за оние кои си прават селфи, туку и во односот на тоа како тие селфи фотки влијаат врз другите. Преку селфи фотките луѓето сакаат да го покажат она најдоброто од нивните животи, па и внимателно ги бираат истите кои ќе ги споделат и ги средуваат.

Поради тоа, опкружени сме со луѓе со „совршени животи и тела“. Новите студии покажаа дека поради таквите објави и кадри со кои сме бомбардирани на социјалните мрежи, се чувствуваме позавидливи, поизолирани и понесигурни.

Или, со зборовите на Фројд, туѓите селфи фотки нам не прават невротични.

Фројд има кажано: „Целта на психоанализата е да го замени невротичното страдање со нормална човечка несреќа“.

Следниот пат кога ќе сакате да си направите селфи, сетете се на митот за Нарцис и наместо селфи, фокусирајте се на пријателите околу вас. Можеби нема да добиете онолку „лајкови“ колку што посакувате, но ќе добиете еден „лајк“ од Фројд и тој треба да ви биде доволен.