Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Во најновото електронско издание на познатиот германски неделен магазин Шпигел, објавен е опширен текст за насилното протерување на мигранти од Хрватска во Босна и Херцеговина. Практиката на илегално враќање на мигрантите или „пушбек“ е забрането со меѓународните конвенции, пренесува Мкд.мк.
Германскиот неделник пишуваше за тоа уште во 2021 година. Тогаш тим германски новинари, во соработка со меѓународни медиуми, по неколкумесечно истражување, пронајдоа информации за насилното враќање на мигрантите во Босна и Херцеговина, како и едно видео. Тоа јасно покажува како „полицајците во хрватски полициски униформи, со маски на главите, со палки тепаат мигранти од Авганистан и Пакистан и ги принудуваат да се вратат назад преку границата во Босна и Херцеговина“.
Последиците беа непријатни за хрватската влада: Европската комисија нареди истрага. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ призна дека се работи за припадници на интервентната полиција, тврдејќи дека се работи за индивидуален случај на постапување надвор од прописите и наредбите на власта. Полицајците биле привремено суспендирани, а Божиниќ не се сметал себеси за одговорен. Шпигел тогаш изјави дека неговите извори тврделе дека не се работи за поединечен случај туку за редовна пракса и дека наредбите доаѓале од Министерството.
Во својот нов текст германските новинари даваат конкретна потврда за тие тврдења. Тие дошле до комуникацијата во неформалната група на Ватсап под име „ОА Коридор II – Запад“. Во неа имало повеќе од 30 полицајци, меѓу кои и високи функционери на хрватското МВР.
Анонимен извор им доставил на новинарите 60 скриншоти од комуникацијата во рамки на групата. На еден скриншот се гледа како „мигранти во шума лежат со лицето надолу кон земјата, уредно наредени, еден до друг. Момчињата немаат чевли, некои сѐ уште имаат чорапи, други се боси. Тројца крупни мажи стражарат над нив, облечени во униформи и држат оружје во рацете. Фотографијата на која се гледа оваа сцена е од неофицијалната комуникација на Ватсап на хрватската полиција. Датумот е 16 август во 9:55 часот. Под фотографијата стои дека се работи за 85 странци за кои велат дека се Пакистанци“.
Фотографијата е направена во шума во близина на железничката станица во Дривник, на два часа возење од Загреб. Авторите на текстот наведуваат дека „нема сомнеж за автентичноста на снимките. Истражувачите го потврдија идентитетот на членовите на групата користејќи профили на социјалните мрежи, бесплатно достапни телефонски броеви и телефонски повици“.
Скриншотите доставени до новинарите го покриваат периодот од август 2019 година до февруари 2020 година, време кога многу мигранти пристигнувале на хрватско-босанската граница.
Новинарите понатаму наведуваат дека „од комуникацијата може да се види дека раководството на хрватската полиција било детално информирано за апсењата во Акција Коридор – но очигледно не преку официјални канали каде што се снимаат пораките, а подоцна може да се користат како доказ, туку преку неформална комуникација преку Ватсап. Ова е показател дека хрватската власт знаела за нелегалното протерување на бегалците, дека го толерирала, па дури и го контролирала. Хрватската влада ова го негира“.
На снимките се документирани повеќе од 1.300 уапсени мигранти, главно од Пакистан, Авганистан и Сирија. Зоран Ничено, началникот на хрватската гранична полиција, ги читал тие пораки, неколку пати ги охрабрувал колегите и на апсењата реагирал со емоџи – подигнат палец, аплауз.
Шпигел наведува дека апсењата на мигрантите сами по себе не се нелегални. Меѓутоа, европското и меѓународното право ја обврзува полицијата да им даде можност на лицата кои бараат заштита да поднесат барање за азил и да подлежат на постапка заснована на владеење на правото. „Постојат сериозни индиции дека тоа не е спроведено“, наведуваат авторите.
Така на пример, полицаец на 13.02.2020 година пријавува дека нарачал пет возила „за транспорт и одвраќање“. „Одвраќањето“, вели Шпигел, „е код во хрватската полиција што укажува на присилно враќање на бегалците“. Хрватската полиција признава дека ги спречувала мигрантите да влезат во земјата, но наводно веднаш на границата, пред да стекнат право да поднесат барање за азил. Но, „во овој случај, мигрантите се најдени длабоко во внатрешноста на земјата“, па сепак насилно се вратени, се наведува во текстот.
Во текстот на германскиот неделник понатаму се цитира изјавата на поранешен полицаец дека „претпоставените во акцијата Коридор им забраниле на полицајците на терен официјално да им ги потврдуваат апсењата. Не правете извештаи, така пишуваше во наредбата“. Наместо тоа, како информативен канал била формирана група на Ватсап, а служела и како неофицијална статистика, вели овој сведок кој сакал да остане анонимен.
Хрватското МВР на новинарските прашања одговори дека не може да ја потврди автентичноста на комуникацијата преку Ватсап. Сепак, според информациите од хрватското МВР, ваквите групи биле затворени пред три години и повеќе не постојат. Неделникот го цитира одговорот на министерството според кој комуникацијата преку Ватсап не е забранета, доколку не се пренесуваат доверливи информации.
Повеќето луѓе од групата негирале дека се нејзини членови. Тројца не го направиле тоа експлицитно, но ниту потврдиле. Зоран Ничено, началникот на хрватската гранична полиција, ги упатил новинарите во канцеларијата за односи со јавноста на МВР.
Шпигел наведува дека Европската комисија начелно ги осудува незаконските „пушбекови“, но не спроведува никаков ефикасен надзор, ниту покренува некакви постапки.
Одговорната еврокомесарка за внатрешни работи Илва Јохансон се потпира само на таканаречениот независен надзорен механизам. По долго одложување, тој сега е воспоставен. Малку е веројатно дека хрватските инспектори се навистина независни. Кога во годишниот извештај почнало да се зборува за присилно враќање, тој веднаш бил отстранет од веб-страницата. И за својата добро завршена работа на чување на границите, Хрватска беше наградена и со влез во Шенген зоната, наведува Шпигел.