Шар Планина официјално прогласена за национален парк


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пратениците во Собранието на Република Македонија со мнозинство од 66 гласови го донесоа Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Со изгласувањето на овој закон, земјава го доби четвртиот национален парк, по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на земјава.

„Со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности“, вели министерот Насер Нуредини.

Тој посочи дека она што е најважно е дека со ваквиот чекор, меѓудругото, се отвора нова страница и нови можности не само за заштита на природното наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата и воспоставување на поширока прекугранична соработка.

Истовремено, тој истакна дека ова е голем чекор со кој се обезбедиле големи придобивки за сите.