
Романтичната серија „Секоја година потоа“, адаптација на романот „Секое лето потоа“ од Карли Форчун, ќе добие втора сезона на Прајм видео.
Продолжението беше најавено во јуни, на фестивалот „Обсест фест“ на Прајм видео. Потврдено е дека Ејми Б. Харис повторно ќе биде дел од проектот како кокреаторка и главна продуцентка.
За што раскажува серијата?
Дејството се одвива во текот на шест години и една недела во Берис Беј, типично гратче покрај езеро. „Секоја година потоа“ е романтична приказна исполнета со носталгија, за првите љубови, за луѓето и за одлуките што засекогаш нè обележуваат.
Каква приказна се најавува за втората сезона?
Во резимето на книгата се вели:
Покрај езерото се случуваат убави работи. Така вели бабата на Алис, а таа знае дека е во право. Кога имала седумнаесет години, Алис поминала само едно лето таму, во викендичка со Нен. Токму тогаш ја направила фотографијата што ѝ го променила животот: тројца насмеани тинејџери во жолт глисер.
Денес Алис го набљудува светот низ објективот. Како фотографка, најдобро се чувствува кога е настрана и им дозволува на другите да бидат во центарот на вниманието. Но, во последно време посакува нешто повеќе. Кога Нен паѓа и го крши колкот, Алис смислува план за двете: уште едно лето во волшебниот Берис Беј. Штом се сместуваат, нивниот мир го нарушуваат бучавата на еден познат жолт глисер и мажот што го управува.
Чарли Флорек имал деветнаесет години кога Алис го фотографирала оддалеку. Сега е возрасен маж кој отворено флертува, успева да ја насмее Нен и ја тера Алис да посака повторно да има седумнаесет години, кога животот бил поедноставен, а фотографирањето било само за забава. Сончевите денови и топлите ноќи на езерото со Чарли ѝ ја смируваат душата. Но, кога ќе го крене погледот и ќе ги сретне неговите продорни зелени очи, почнува да стравува за своето срце.
Алис умее вистински да ги види луѓето — токму затоа е толку добра во својата работа. Но досега не сретнала некој што на ист начин ја гледа и неа.
Дали започна снимањето?
Засега нема назнаки дека снимањето на втората сезона е почнато, но подготовките се во тек. Кон крајот на јули, Ејми Б. Харис објави фотографија на која ја чита книгата „Едно златно лето“, што навестува дека го истражува материјалот и се подготвува за работата на продолжението.
Кои актери ќе се вратат?
Целосната актерска екипа сè уште не е објавена. Сепак, потврдено е дека неколку актери од првата сезона ќе се појават и во втората.
Извор: Just Jared