Русија признава дека нема целосна претстава за размерите на коронавирусот во земјата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Русија денес призна дека нема целосна и јасна претстава за степенот на раширеност на коронавирусот во земјата, каде бројот на заразени лица е далеку помал во однос на земјите од Западот, пренесува Мкд.мк.

„Проблемот е што тестирањата слабо се спроведуваат и никој нема јасна слика за реалноста во Русија, како ни во светот“, изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин кој се наоѓа на чело на работната група за борбата против ковид-19.

Неговата изјава по средбата со претседателот Владимир Путин на својата официјална страница ја објави Кремљ.

Градоначалникот на Москва, близок соработник на претседателот Путин, кажа дека бројката од 290 заразени во Москва е потценета и дека таа несомнено изнесува меѓу 400 и 500.

Според официјалните податоци, Русија во моментов има 495 случаи на зараза со коронавирусот.

„Бројката расте, станува збор за сериозна ситуација која и понатаму ќе се развива“, му кажа Собјанин на Путин.

Градоначалникот во Москва воведе најстроги мерки во Русија, вклучувајќи карантин за патниците, ограничувања на јавните собирања, затворање на училиштата и местата за забава. Тој ги повика и останатите руски региони да го следат неговиот пример.

Тој особено побара постарите од 65 години да не излегуваат од своите домови, а таа мерка стапува на сила во четврток.

Рускиот претседател Путин, кој повеќе пати досега изјави дека ситуацијата е под контрола, ги посети пациентите кои се под третман за ковид-19 во болница во Москва.

Тој ги замени своите вообичаени кошула и врска за заштитно одело, и беше придружуван од медицинскиот персонал на болницата во московскиот кварт Комунарка.

Рускиот претседател доби и сини заштитни ракавици и чизми пред да влезе во заразниот дел од болницата.