Русија „го секна“ гасот за Холандија


Енрике лажеше? Шпанија го избра Мароко - 17 ден ↓↓↓



Рускиот енергетски гигант „Газпром експорт“ ја прекина испораката на гас за холандскиот трговец ГасТера поради неплаќање за испораките во април и неговото одбивање да плати во рубли.

ГасТера од денеска повеќе нема да добива гас од руски „Газпром“, откако одби да се согласи со барањата на Москва за плаќање во рубли, соопштија двете компании во понеделникот.

ГасТера, која купува и тргува со гас од името на холандската влада, рече дека склучила договор на друго место за две милијарди кубни метри гас што очекуваше да ги добие од Газпром до октомври.

Компанијата е 50 отсто во сопственост на холандски владини субјекти и по 25 отсто на Шел и Ексон.

„Ја разбираме одлуката на ГасТера да не се согласи со еднострано наметнатите услови на Газпром за плаќање“, напиша холандскиот министер за енергија Роб Јетен на Твитер. „Оваа одлука нема да има никакви последици за физичката испорака на гас до холандските домаќинства“.

Во соопштението на ГасТера се вели дека холандската компанија одлучила да не го усвои системот што го бараше Русија, кој вклучуваше формирање сметки на кои ќе се плаќа во евра, а потоа ќе се заменат за рубли.

Компанијата рече дека таквите мерки би можеле да ги прекршат санкциите на Европската Унија и исто така рече дека рутата на плаќање носи премногу финансиски и оперативни ризици.

Во соопштението на Газпром се вели дека прекинот на испораките на гас за ГасТера ќе продолжи сѐ додека плаќањата не се намират во согласност со шемата предложена од Русија.

ГасТера соопшти дека постојано барала од Газпром да се придржува до договорените начини на плаќање и обврските за испорака.

„Не може однапред да се каже какво влијание ќе има падот на два милијарди кубни метри руски гас врз состојбата на понудата и побарувачката на европскиот пазар“, додаде холандската компанија.

Портпаролот на Министерството за економија, Питер тен Бригенкете, рече дека Холандија нема да го иницира својот вонреден план за гас и да побара од индустриските корисници да ја намалат потрошувачката.

„Ова сè уште не се гледа како закана за снабдувањето“, рече тој.

Портпаролот на националниот мрежен оператор на земјата, Гасуние, рече дека не очекува прекин на мрежата како резултат на прекинот на испораката на Газпром до ГасТера.