Лидерите постигнаа компромис: ЕУ ќе забрани увоз на 75% од руската нафта


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Лидерите на Европската Унија постигнаа компромис за воведување ембарго на најголемиот дел од рускиот увоз на нафта по синоќешните разговори на самитот во Брисел.

Веста ја соопшти претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој го нарече договорот „неверојатен успех“, посочувајќи дека новите санкции ќе претставуваат ефективна забрана на 75% од рускиот увоз на нафта во моментов и 90% до крајот на годината.

„Тоа ќе го стопира големиот извор на финансирање на нивната воена машинерија“, напиша Мишел на Твитер.

Новиот пакет санкции вклучуваат и отстранување на пристапот до СВИФТ за најголемата руска банка Сбербанк, а ќе бидат забранети три дополнителни државно финансирани медиуми.

Сепак, според компромисот, руската нафта која се пренесува преку нафтоводот „Дружба“ во Унгарија, Чешка и Словачка, нема да биде дел од санкциите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ги повика лидерите на ЕУ да покажат солидарност против Владимир Путин.

Мишел на пресконференција пред самитот соопшти и дека Европскиот Совет и Г7 државите ќе обезбедат 9 милијарди евра помош за пост-воената реконструкција на Украина.

Четири недели беа потребни за ЕУ да одлучи по последниот пакет санкции против Русија, откако претходно претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен најави целосна забрана на руската нафта до крајот на годината.

Унијата се најде под зголемен број критики поради бавната реакција за новиот, шести пакет мерки. Во меѓувреме дел од европските лидери веќе дискутираат за седми пакет санкции кои ќе го таргетираат рускиот гас.