Роза Луксембург – остар меч и жив пламен на револуцијата и женската борба


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На 5 март, 1870 година, во Замошќ, Полска, е родена една од најголемите револуционерки на 20 век, Роза Луксембург. Било невозможно да се предвиди дека девојчето родено како петто дете во сиромашното полско-еврејско семејство ќе стане фигура која и денес е инспирација и мотивација за феминистките, комунистките, револуционерките и левичарките, но и нивните машки колеги, подеднакво.

Во период кога жените не само што немале никакви права, туку во присуство на машко друштво не им било дозволено ниту да проговорат без дозвола, навистина е неверојатна трансформацијата на сиромашната девојка со еврејско потекло (која уште во петтата година се соочила со траен инвалидитет) во млада жена која ќе застане на чело од работничкото движење во Германија и Полска. Нејзината енергија, храброст и големина најлесно можат да се истакнат преку историскиот факт дека живеела во период кога општеството било обременето со предрасуди кон сето она кое таа го правела. Роза Луксембург е една од првите жени која активно учествувала во политичко движење.

Бертам Волф за оваа истакната марксистичка теоретичарка, филозофка, економистка, активистка и пацифистка напиша:

„Физички, Роза не делуваше како трагична хероина или лидерка. Детската болест на колкот нејзиното тело го направила кревко, слабо и унакажано. Чекореше несмасно и нерамномерно. Но, кога говореше, она што луѓето го гледаа беа големите, изразити очи кои сјаеја од сочувство, блескаа од смеа, гореа од борбеност, искреа со иронија и гадење. Кога ќе имаше збор на конгресите и состаноците, делуваше како нејзината ситна градба да расте и да станува заповедничка. Нејзиниот глас беше топол, длабок и јасен, нејзиниот памет смртоносен, аргументите ѝ беа со широк опсег, повеќе насочени кон интелигенцијата отколку кон емоциите на слушателите“.

05.03.luxembrug1

И покрај дискриминацијата со која се соочуваше од најрана возраст поради еврејското потекло и инвалидитетот, Роза била најдобра ученичка во класот. Во женската гимназија која ја посетувала се истакнувала со остроумност и интелигенција, силно сочувство за страдањата на другите и сериозност. Со револуционерни активности почнала да се занимава кога како 16-годишна девојка се зачленила во револуционерната партија Пролетеријат.

Од тој момент револуцијата станува нејзин начин на живот. Отворено го критикува царскиот режим во Полска, поради што после матурата била принудена да емигрира во Швајцарија со за да избегне притвор во својата татковина. Во Цирих студира природни науки и економија на еден од ретките универзитети на кој тоа им било дозволено на жените. Докторира во време кога малку жени можеле да се стекнат со академско образование. Во Цирих се запознава со цела плејада левичари и интелектуалци со кои подоцна ќе одиграат важна улога во европското работничко движење.

Активизмот на Роза Луксембург е поврзан со развојот на меѓународното работничко движење и борбата помеѓу различните тенденции во тоа движење и нивниот распад. Таа беше една од ретките кои со страст и без отстапка ја следеа Марксовата „критика на постоечката состојба“. Притоа не запираше само на критиката на постоечкиот капиталистички систем и либералното граѓанско општество, туку имаше храброст и отворено да ги критикува своите партиски колеги и идеолошки истомисленици.

Она што кај Роза Луксембург беше навистина револуционерно е тоа што таа не само што беше политички рамноправна со мажите, туку тоа што аргументирано ги побиваше нивните политички теории во време кога за жените ширум Европа беше незамисливо да им приговараат на мажите и за многу побанални прашања од оние за политичкиот поредок.

Меѓу другото, цел на нејзината економско-политичка критика е најде и цела Втора Интернационала, на чело со Англија, со која не се согласуваше во однос на прашањето за националното самоопределување на Полска. Нејзиниот став бил дека пролетеријатот од Русија и Полска мора да се здружи во борба против царштината.

Се осуди да го критикува и самиот Ленин и неговата аграрна реформа. Се противеше на социјалдемократскиот ревизионизам, бидејќи сметаше дека работничките права можат да се изборат единствено со револуционерни методи. Жестоко се противеше на Првата светска војна. Додека цел свет го губеше разумот во крвавите походи, таа и понатаму повикуваше на начелата за братство, единство и слобода на сите луѓе.

Евгениј Левин, близок соработник на Луксембург, неа ја опишува како „жена со супериорен ум кој го плаши“. Токму поради нејзината супериорност низа „супериорни“ мажи толку стравувале од неа што Роза неретко тој нивен страв го плаќала со сопствената слобода. Повеќе пати е мачена и затворана, со цел да ѝ биде скратена можноста за контакт со надворешниот свет.

05.03.luxembrug2

После излегувањето од затвор во 1919 година учествува во основањето на марксистичка револуционерна група од која подоцна настанува Комунистичката партија на Германија. На почетокот од првиот месец од 1919 година новоформираната Комунистичка партија на чело со Роза повикува на масовни демонстрации во Берлин. И покрај прогонот, мачењето, заплашувањето, растечкиот број на непријатели и годините поминати зад решетки, Луксембург не отстапува од своето начело „Социјализам или варваризам“. Револуцијата е задушена од страна на монархистичката армија и десничарските паравоени формации. Милиони работници беа мачени и брутално убивани.

Роза Луксембург беше уапсена на 15 јануари во Берлин, каде после насилно испрашување е погубена. Телото на најголемата револуционерка на 20 век е фрлено во каналот од реката Шпре, откако со тап предмет ѝ е здробен черепот. Убиена е од страна на нејзиниот сопствен ученик, претседателот на социјалдемократската влада, Фридрих Еберт.

Клара Цеткин пишува:

„Да ја доживееш револуцијата, да се бориш – тоа беше нејзината најголема среќа. Со моќта на нејзината волја, несебичност и приврзаност го ангажираше целото нејзино битие и сето она кое што може да му го понуди на социјализмот. Се жртвуваше со причина, не само со својата смрт, туку и со секојдневната работа и борба. Беше остар меч и жив пламен на револуцијата“.

Извор: akindin.com