
Рита Вилсон ја раскажа приказната зад тетоважата на грбот со која во септември привлече огромно внимание на интернет.
Седумдесетгодишната актерка тогаш објави фотографија на која е свртена со грб и се гледа голем крст, сличен на тетоважата што ја има нејзиниот син Честер „Чет“ Хенкс.
Во тоа време не даде објаснување, но во неодамнешното гостување во „Си-би-ес морнингс“ призна дека тетоважата не била вистинска.
„Тоа беше шега што ја направив за роденденот на син ми. Тој има многу тетоважи“, рече Вилсон. „Порано му се заканував дека и јас ќе се тетовирам“, додаде таа, објаснувајќи дека му велела оти еден ден ќе одат на плажа, ќе го соблече горниот дел и ќе му открие тетоважа кога најмалку ќе очекува.
На прашањето дали некогаш навистина размислувала да се тетовира, Рита одговори дека ќерка ѝ ѝ рекла: „Новиот тренд со тетоважите е да немаш тетоважа“.
Актерката призна дека со лажната тетоважа „дефинитивно изгледала поинаку“.
Вилсон ја покажа тетоважата во периодот кога го објавуваше синглот „Stranger with Age“.
Минатиот месец, Чет беше забележан на конвенција во Лос Анџелес, каде што имаше напната вербална размена со Ерик Андре.
Извор: Just Jared