Хејли Бибер има препознатлив пристап кон модните додатоци: едноставната облека често ја комбинира со торби што се издвојуваат по формата, текстурата или дизајнерскиот потпис. Нејзината колекција се движи од култни модели на „Сен Лоран“ и „Ботега Венета“ до ретки винтиџ парчиња, како извадени од внимателно составена модна архива.
Во нејзината гардероба преовладуваат неутрални бои, широки кроеви и едноставни линии, но торбата често е детаљот што ѝ дава сосема поинаков изглед на комбинацијата. Затоа нејзиниот избор не е само прашање на практичност: тој открива и кои модели повторно се враќаат во мода, а кои допрва стануваат нови фаворити.

Впечатливи дизајнерски модели од колекцијата на Хејли Бибер
Винтиџ торба од „Шанел“ од деведесеттите
Меѓу највпечатливите торби што Хејли ги носеше годинава е винтиџ модел на „Шанел“ од деведесеттите, од периодот кога Карл Лагерфелд ја водеше креативната насока на модната куќа. Го набавила во парискиот винтиџ бутик The Vintage Marché, со помош на стилистката Дани Мишел. Освен препознатливиот потпис на „Шанел“, посебност му дава и естетиката на една од највлијателните децении во модата.
Chanel Large Bowling Bag
Наспроти малите винтиџ торби, Chanel Large Bowling Bag се издвојува со сосема поинаква форма. Хејли ја носеше за време на престојот во Сеул, со светол кожен блејзер и црни панталони. Моделот е дел од колекцијата на „Шанел“ за пролет/лето 2026, изработен е од телешка кожа и има пространа внатрешност, со облик инспириран од класичните торби за куглање. Спојот на практичноста и луксузниот дизајн го прави интересен додаток во секојдневните комбинации.
Saint Laurent Le 5 à 7
Еден од моделите што најсилно се поврзуваат со стилот на Хејли е Saint Laurent Le 5 à 7. Со меката, благо издолжена форма, оваа торба стана еден од нејзините препознатливи додатоци. Ја носела и преку ден и во вечерни комбинации, а особено добро се вклопува со едноставна облека, како фармерки, маица и јакна со широк крој. Дискретното лого Cassandre и минималистичкиот облик ѝ даваат карактер без нагласени украси. Токму затоа овој модел често се издвојува кога се зборува за торбите што го обележуваат нејзиниот стил.
Saint Laurent Le 5 à 7 Bea
Le 5 à 7 Bea, поголемата верзија на популарниот модел Hobo, покажува дека Хејли ѝ останува верна на естетиката на „Сен Лоран“, но изборот го приспособува и на практичните потреби. Особено внимание привлече варијантата со леопардски дезен, изработена од материјал што наликува на пониево влакно. Таа ја комбинираше со кожен мантил и едноставни балетанки. Торбата го има препознатливиот детаљ YSL и нуди доволно простор за деновите кога малите модели не се доволни. Воедно, покажува како животинскиот дезен може да стане главниот акцент во инаку ненаметлива модна комбинација.



Извор: Lepota i Zdravlje