Република Македонија во Уставот секаде ќе се замени со Република Северна Македонија


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Со усвојување на првиот од вкупно четирите нацрт амандмани, секаде во Уставот зборовите Република Македонија се менуваат со Република Северна Македонија.

Во меѓувреме седницата продолжи со расправа за вториот амандман со кој се интервенира во преамбулата на Уставот и зборовите „Одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третата фаза од уставните измени власта ќе се соочи со амандмани на амандманите. Албанските опозициски партии Беса на Билал Касами и Алијанса за албанците, најавија дека повторно ќе ги испорачаат нивните барања до Собранието за правата на албанците и албанскиот јазик, бидејќи како што велат власта досега нема слух за тие прашања.

Дали ќе условуваат со нивните гласови за клучната фаза од измените во Уставот, се уште не откриваат. Дел од аналитичарите пак оценуваат дека иако компромисот е составен дел од ваквите одлуки, со амандманите на албанскиот опозициски блок не се наговестува условување за гласањето во последната фаза.

За ВМРО ДПМНЕ процесот е нелегитимен без ратификација на договорот од Преспа. Извори од пратеничката група на опозициската партија за ТВ 24 велат дека е бесмислено да поднесат амандмани на владините амандмани.

Од друга страна, осуммината пратеници кои гласаа за отворање на Уставот допрва ќе преговараат со власта во телото за помирување за селективна амнестија за настаните од 27ми април, што воедно е клучниот услов кој го дадоа на почетокот на целиот процес.

По завршување на втората фаза, следува јавна расправа во која ќе се вклучат и експертите. Нов претрес на амандманите ќе има во комисијата за уставни прашања, а последната и клучна фаза според роковите е предвидена за втората половина на јануари.