Актуелно

Регионална бизнис соработка за конкурентност на светските компании

Стопанската комора на Македонија повторно заговара регионално поврзување на бизнисите и заеднички ангажман на земјите за да ја подобри конкурентноста на компаниите и да овозможи подобар настап на големите пазари. По иницијативата за корпоративно здружување за заеднички настап на трети пазари, сега се заговара поврзување на претприемачите од малите земји за да им се парира на компаниите од моќните земји.

Видни бизнисмени од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Албанија, Босна и Херцеговина стојат зад иницијативата која е покрената на заеднички состанок во Скопје, беше речено на денешната прес конференција во комората.

На средбата било утврдено дека бизнисите во малите земји не можат доволно да се развиваат бидејќи се ограничени на мал пазар, а нивниот продор на големите пазари е ограничен бидејќи се мали во однос на бизнисите од големите земји.

– Водејќи се од појдовните претпоставки дека во малите земји (за нас мали држави се оние држави чие население брои помалку од десет милиони жители), најголемата пречка за развој на бизнисот е недоволната регионална инфраструктурна поврзаност, како и фактот дека условите за водење бизнис во малите земји се разликуваат од оние во големите земји, реални се тврдењата дека на мал пазар ретко се случува да се заработи основен капитал за проширување на деловните активности – рече Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Штрбевска посочи и дека големите држави и нивните големи деловни субјекти често знаат да ја искористат својата моќ на меѓународните пазари и со тоа да ги стават малите држави и нивните деловни субјекти во нерамноправна положба.

На малите земји често им се наметнуваат, при нивното меѓународно интегрирање, такви мерки кои се штетни за нивните бизниси и деловните иницијативи, без да се направи критички осврт што значат овие мерки за деловното опкружување, додаде Милевска Штрбевска.

Дополнителен проблем за бизнисите од малите земји е и тоа што имаат многу послаби дипломатски мрежи.

Според бизнисмените за почеток земјите од регионот треба да изградат модерна железничка инфраструктура, заеднички да ја планираат инфраструктурата, да изградат заеднички настап за привлекување меѓународни инвеститори, но и да обезбедат услови за заштита на инвестициите.

Advertisements
To Top