Први случаи на заразени со коронавирус во Словенија и БиХ, во Калифорнија вонредна состојба


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Коронавирусот, кој одамна ги напушти границите на Кина, каде што првично беше регистриран, и понатаму го тресе светот со своето ширење. Според најновите информации, во Калифорнија е прогласена вонредна состојба.

Во континентална Кина се пријавени 160 нови случаи на коронавирусот, со што вкупниот број порасна на 80.400, и над 3.000 смртни случаи, претежно во покраината Хубеи.

Како што забавува заразата во Кина, вирусот брзо се шири низ целиот свет. Во светот се пријавени повеќе од 95.000 заразени и повеќе од 3.200 смртни случаи од коронавирусот. Вирусот се прошири во 79 земји и територии.

Вчера првите случаи на ковид-19 се забележани во Полска, Унгарија и Словенија, а денес и во БиХ.

Словенечката агенција СТА синоќа соопшти дека заболеното лице допатувало од Мароко преку Италија и дека е хоспитализирано.

Во Босна и Херцеговина, поточно на подрачјето на Република Српска, е потврден првиот случај на зараза со коронавирусот, потврди Министерството за здравство на Република Српска.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њузом прогласи вонредна состојба поради коронавирусот во таа држава, која сега има 53 потврдени случаи. Вчера властите ја објавија и првата смрт од вирусот во Калифорнија.

Станува збор за постара личност со здравствени проблеми, објави Ројтерс. Тоа е прва смрт од коронавирусот во САД надвор од државата Вашингтон, каде што починаа десет лица. Нови случаи се регистрирани и во двата најголеми американски града, Њујорк и Лос Анџелес.

Новиот коронавирус се рашири во скоро сите ирански провинции, но земјата ќе се справи со него со минимум мртви, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани. Како што цитираше вчера Ројтерс, официјалната веб-страница на иранското претседателство објави дека Рохани на седница на владата рекол дека „болеста е широко распространета“ и дека ги зафатила скоро сите провинции во Иран.

Иранското Министерство за здравство во вторникот објави дека досега 92 луѓе починале од коронавирусот, додека 2.922 се разболеле, меѓу кои и државни службеници. Државната телевизија соопшти дека петочните молитви се откажани во сите главни градови на провинциите.

Ројтерс известува дека нови случаи на коронавирусот се пријавени и во земјите на Заливот – три во Бахреин, со што бројот на заразени скокна на 52, во Оман исто така уште три, вкупно 15, еден во Дубаи, односно вкупно 28 во Обединетите Арапски Емирати.

Јужна Кореја денеска потврди уште 145 случаи на инфекција со коронавирусот, надминувајќи го бројот од 5.700 заразени. Од 5.766 потврдени случаи досега, 4.326 се случиле во Даегу, најтешко погодениот град на југоисток, а недостигот од болнички кревети станува сè поголем проблем. Бројот на починатите од овој вирус, кој предизвикува пневмонија, се зголеми на 35, во однос на двата од вчера, според соопштението на Министерството за здравство, јави јапонската новинска агенција Кјодо.

Во континентална Кина е забележано зголемување на новопотврдените случаи по тридневен пад, како резултат на напливот на нови заразени во Вухан, епицентарот на епидемијата. Вчера имало 139 нови потврдени случаи во континентална Кина, соопшти денеска Националната комисија за здравство во земјата, со што вкупниот акумулиран број достигна 80.409, пренесува Ројтерс.

Ова зголемување е резултат на зголемувањето на случаите во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, каде што бројот на новозаразени се искачи на 131 од 114 ден порано. Во остатокот од континентална Кина, надвор од Хубеи, имаше само пет новопотврдени случаи, како резултат на строгите јавноздравствени мерки, воведени за спречување на ширењето на патогенот.

Бројот на починатите во континентална Кина достигна 3.012 на крајот на вчерашниот ден, што е за 31 повеќе од претходниот ден. Хубеи, епицентарот на епидемијата, е „одговорен“ за сите нови смртни случаи. 23 лица починаа во Вухан.